По повод Меѓународниот ден на жената Осми Март, Општина Валандово донираше симболична сума од 30.000 денари за здружението за борба против рак ,,Борка – за секој нов ден”.
Веста за ,,Фокус” ја потврди градоначалникот Перо Костадинов, кој вели дека ова е знак на поддршка за храбрите и континуирани активности на здружението.
-,,Борка” е невладина, непрофитна организација, основана за поддршка на граѓаните, пациентите, нивните семејства и здравствените организации во борбата против сите видови на рак. Здружението има особена заслуга за еманципацијата и поддршката на жените во нивната борба со ракот на дојка. Здружението соработува со сите вклучени релевантни фактори во општеството и во својата работа се фокусира кон поддршка на пациентите заболени од рак и организирање различни активности за подигање на свеста во заедницата за оваа болест – вели Костадинов.
Додава дека неопходно е жените да имаат право на највисоки достапни стандарди на физичко и ментално здравје, и како рамноправна и емпатична заедница е заеднички предизвик.
-Уживањето на ова право е витално за нивниот живот и добросостојба. Сите заедно, треба да работиме на подигање на свеста за подобрување на правата на жените, нивно изедначување со мажите и еднаков пристап во сите сфери на општественото живеење. Да се ослободиме од оковите на минатото и да изградиме заедница која се грижи за секого, на ист начин – порача градоначалникот.
Вики Клинчарова