Храбрите вмровски патриоти упорно бегаат од соочување на суд со наклеветените „предавници и платеници“!

by Фокус

Текстот е објавен на 26 октомври 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 904

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

По неколкугодишни ќор-фишеци, конечно се најави добра вест од Брисел. Датум за преговори со ЕУ во декември, а спорот за името да се решава во „рана фаза“ или, според некои проценки до 2014 година, кога започнува грчкото претседателство до Унијата.

Во рамките на ова сценарио, секако, е и грчкиот предлог меморандум за разбирање, каде, пак, е зацртана црвената грчка линија- географска одредница за Република Македонија и тоа „erga omnes“. Ниту новинарската љубопитност, ниту пратеничките прашања, ниту опозициските прозивки, засега не предизвикаа речиси никаков одговор што би содржел детали – оние кои претходеле ама и што ќе следуваат за еден ваков можен расплет на овој гордиев јазол – македонско-грчките разговори за името.

Од владата мудро замолчеа, ама тоа не е пречка да се прогнозираат барем три можни разврски на оваа „тајна операција“. Првата опција е Грција да отстапи од инсистирањето нашето проширено и надградено име да важи ерга омнес, или, оние што не признале под уставното име да не ја менуваат одлуката, што би била една од подобрите варијанти, што, пак, би било објавено како голема победа на Никола Груевски.

Иако, добро упатени во преговорите, тврдат дека ова било возможна мисија и порано. Според втората калкулација, нема шанси Груевски да прифати било каква измена на името, оти не сакал во историјата да биде запаметен како прородбеник кој го сменил името. Но, со сета оваа меморандумска драмолетка, тој ќе добие уште една година луфта, во која ќе ја капитализира кооперативноста со датум за преговори на уште едни избори. И според третата опција, сепак десничарот ќе ја одработи промената на името, покриена со народот на референдум, што спин машинеријата сосе дворската медиумска герила ќе го сврти тоа како историска победа.

И ПАТРИОТИТЕ СИТИ, И ПРЕДАВНИЦИТЕ НА БРОЈ

Зошто ми е инспиративна сета оваа мистична љубов меѓу Брисел и барокно Скопје? Па, токму заштитата на името и Грција неколкукратно му се исплатеа на Пастирот во изборните игранки.Беше промовиран во непоколеблив заштитник на името ем на идентитетот, иако никој во Македонија се немаше декларирано за расплет на штета на идентитетските белези. Но, токму од оваа портокалова епопеја, се изнедри и гнасната популистичка шема својствена за сите авторитарни амбиенти- поделбата на патриоти и предавници.

Во втората група по автоматизам влегуваше секој што јавно ќе соопштеше дека е за компромис со Грција, за географска додавка од типот Северна или Горна Македонија, сеедно. Ништо повеќе и ништо помалку. Оттаму, навистина е инспиративно да ги замислиме креативните потенцијали за оваа спин операција – како она за што се залагаа „предавниците и платениците на Грција“, сега, после неколку години вербално черечење „непријатели“,  ќе го обмисли пи-арот на Груевски како нешто ново, големо и подобро од се досега. Ако нешто и не излезе потаман, ќе биде виновна опозицијата, ама и народот оти тој, нели, ќе одлучи на референдум. Како што за признавањето на Косово пред парламентот наместо премиерот се истопорчи министер, а за амнестијата на хашките случаи застана пратеничката група. За името златен штит ќе му биде народот!

Во секој случај, и без оглед на сите непознаници, добро е да се потсетиме каква употребна вредност за ВМРО-ДПМНЕ имаше овој спор. Изминативе неколку години бевме сведоци на обемните манипулативни техники на портокаловата тајфа која како од ракав тресеше списоци на предавници и грчки платеници. Но, храброста се исцрпуваше со плукањето за потоа подобро да му ја залепат предавничката етикета на „непријателот“.

Неколку тужби што „соросоидите“ ги покренаа за клевета против „Вечер“, Зоран Ставрески и портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ и СП, Александар Бичиклиски и Малиша Станковиќ, и после две до три години немаат завршница ниту во прв степен. Храбрите патриоти, како Ставрески и Бичиклиски дури се и недостапни за судот.

Едноставно, избегнуваат да се соочат со „платениците“, да ги обзнанат своите докази и да ги сотрат до крај предавниците. Покрај партиската така би обезбедиле и судска тапија за нив дека се грчки инсталации. Ваквото однесување „шлапај што сакаш, а потоа прави се на Тошо“, одава впечаток дека ваквите изјави и црни списоци со портокалови корици биле измишљотка за мафтосување на рајата од егзистенцијалните проблеми, чии сетила можат неограничено да се напојуваат од мермер и бронза, а адреналинот да се празни врз „мрсниците“ што ја продаваат државата, името, идентитетот.

Да, сега замолчеа сите возљубеници на власта, ама тоа не е пречка да се потсетиме како се захуктуваше  оркестрираната хајка против предавниците што беше „уновчено“ со патриотски изборни гласови.

Командата „распаљуј“ изгледа падна после Букурешт и неуспешниот самит на НАТО, за нас барем. Иако Груевски сосе Црвенковски беа прифатиле Република Македонија (Скопје) за влез во НАТО, што Грција го одбила, овде приказната се сврте. И започна „патриотскиот“ бој со „предавниците“. Ефектот беше- и патриотите сити, и предавниците на број!

„ЗЕМАЛЕ ПАРИ ЗА ПОГРЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА“!!!

Уште тогаш, во 2008 година, во интервју за МИА, премиерот Груевски, онака лефтерно, ќе нафрли за лукративни мотиви на група политичари и новинари во чија позадина е соседот.

„Постои една мала, но компактна група од политичари, новинари, професори кои веројатно се дополнително мотивирани од страна на соседот за да ме напаѓаат … би сакал да упатам порака до сите оние кои се сомневаат дали Македонија ќе успее и кои сеат страв наоколу инпирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно јахти, или други мотивациски средства: Македонија веќе успеа … Тој што прашува дали ќе успееме, веројатно има причина и мотив штом прашува така. Ним историјата ќе им суди“, ќе им пресуди на лукративните фаци премиерот, иако ќе најави дека историјата ќе им суди.

Во секој случај, иако не ги именуваше, јасно посочи на политичари и новинари кои за пари и од интерес лобираат за грчки интереси. Ова го споменувам не поради „кој прв почна“, туку затоа е што важно како првиот човек во пирамидата на моќта ја разлеа темата за „платениците од нашиот сокак“.

И нормално е да помислите дека штом еден премиер фрла ваква тешка дума, веројатно има и јаки докази а не само рекла-казала или, не дај Боже, дека само стартувал спин-проект со кодно име „Предавници“.

Но, она што го пропушти премиерот, го пополни „Вечер“.На 18 декември 2009 година, весникот кој прв дознава, ама после премиерот, излезе со наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“.

Се пласираше информација дека Грција им дала 130 милиони долари на грчките новинари за ширење на антимакедонска пропаганда. Истовремено, пак, дека во Македонија се плаќаат новинари за ширење пропаганда за прифаќање на грчките предлози за промена на името. Тука се споменуваат фондацијата Сорос и „Дијалозите“ на Црвенковски, кои, демек, работеле да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот. Споменати беа десетина имиња, со неизбежниот за власта „предавник“ Владимир Милчин и групацијата Граѓани за Европска Македонија (ГЕМ).

Прочитавме и дека „новинарите од двата кратера вршеа притисок за одреден хонорар, односно големи пари“, а потоа и дека „имињата на новинарите кои земале пари за погрчување на Македонија се уште не се обелоденети“!

Не мина многу време кога и порталот МИНА објави список за повеќе новинари и медиуми за кои тврдеше дека „се платени од грчката влада за да подржат каков и да е став на Атина за името“. Сличен список осамна и на блогот на Миленко Неделковски со директна закана до лицата, именувани како предавници.

НАЈГОЛЕМО ПРЕДАВСТВО ОД 1903 ГОДИНА!

Тужбата што ја покренаа десетината „платеници“ првично беше против главниот уредник на „вечер“, Драган Павловиќ Латас, затоа што текстот не бил потпишан. Откако тој демантира дека е автор, односно ќе изјави дека текстот е дело на директорот Бобан Богдановски Андрески, зетот на Бојо Андрески, процесот и после три години сѐ уште нема епилог пред првостепениот суд.

Но, во 2010 година ќе излезат уште попредавнички приказни, кои ќе завршат на суд. Малиша Станковиќ, портпаролот на Социјалистичка партија на Македонија, јавно, на прес-конференција на 28 април 2010 година, ќе открие дека „во Македонија дејствува група на политичари и новинари кои работат против националните и државни интереси на државата“. Како особено експонирани ќе ги именува Бранко Героски и Љубомир Фрчкоски. Поводот за ваквото обраќање, пак, беше „симулацијата на македонско-грчките преговори што А1 телевизија ја организираше во Охрид“.

„Охридската група надвор од сите морални и дипломатски кодекси, неовластена од никого да преговара за името на нашата држава, доживеа нивните дародавачи од Грција пред нос да им плеснат дека не се работи за уставното име на Република Македонија, туку за националниот идентитет на Македонците“, ќе срочи портпаролот од партијата на Ѕинго, ем ќе финишира со тезата дека „такво предавство Македонија нема доживеано од 1903 година“.

Колегата Геровски, кој ниту бил организатор, ниту учесник, а ниту присутен на симулацијата во Охрид, го тужи Станковиќ за клевета. Процесот трае, но не е завршен пред основниот суд. Портпаролот на СПМ барем не избегнува да се соочи со тужителот.

Но, лека полека, предавниците добија ново руво – безмалку терористичко. Случајот „Надеж“, од претседателскиот кабинет на Црвенковски, беше инспирација за прес конференција на Зоран Ставрески, пред точно две години, на 30 октомври 2010.

„Во оваа стратегија се заговара поништување на слободно изразената волја на граѓаните, се заговара насилно рушење на избраните институции и поништување на исходот на демократски одржаните избори“ … Во оваа стратегија се поставени темелите на движењето ГЕМ. Токму овде е напишано дека треба да се формира таква организација, која што подоцна ја формираат Жарко Трајановски, Бранко Геровски, Никола Гелевски и слични“, ќе ја објасни идејата водилка на ГЕМ, вицепремиерот Ставрески.

Тужбата за клевета против него, „насилниците“ од ГЕМ ја темелат на фактот дека ГЕМ е формиран пред воопшто „Надеж“ да се роди, односно во јуни 2008 година. Постапката против Ставрески е покрената на 29 јануари 2011, но и после десетина закажани рочишта, Ставрески е недостапен за судот, иако неговиот адвокат е редовен. Беа давани и платени огласи преку кои гемовци го повикуваа Ставрески за датумот на кој треба да дојде на суд, но, и ова се покажа како неделотворно.

„ГОСПОД ЌЕ ТИ ПЛАТИ“!

Слична судбина судиска има и тужбата што „платениците“ од ГЕМ ја поднесоа против портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Бичиклиски. Повод за неговата јавна изјава беа трибините што гемовци ги тераа(т) низ државава. Но тогаш, на 6 ноември 2010, гласноговорникот на владејачката партија ќе ги преброи парите што оваа група ги зела за да држи трибини за промена на името.

„Најмалку 310 илјади евра за оваа година им се доделени на 5 новинари кои ја формираат ГЕМ, која држи трибини низ Македонија и јавно се залага за промена на името на државата … Тоа е организација што ја сочинуваат Владимир Милчин, Бранко Героски, Никола Гелески, Жарко Трајановски и Роберто Беличанец … Замислете, за организација од околу 5 луѓе, 310.000 евра или по 60.000 евра од човек“, ќе ја обзнани Бичиклиски портокаловата математика со собирање и делење на пари, иако вообичаено не знае или нема одговор за прашањата на Фокус што се однесуваат за парите и финансиите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во секој случај, и тој, како и Ставрески е недостапен за судот. Иако звучат  убедливо кога пребројуваат предавници и пари на грчки платеници, ако воопшто имаат докази, зошто тогаш не ги раскринкаат „платениците“ пред суд?! Од нивните ескивирања одобрени од судот, се разбира „согласно законот“, можам да заклучам дека ваквите патриотски игри служеа единствено за оцрнување на опонентите.

Но, статусот „предавник“ се раздаваше не само поради името, туку и во други погодни пригоди, како што беше хашкиот судски процес. Тука веќе сериозна кокуренција на Милчин му е Љубе Бошкоски. Во два наврати, во ноември 2009, во „Вечер“  Бошкоски осамна со наслов „Предавник“ односно „Кодош“. Неколкуте тужби против уредниците на весникот и на Сител, речиси и немаат започнато, не пак да имаат завршница. Секако, во овој дух, Соња Тарчуловска  ги опеа во песна „Предавниците и јунаците“, со пораката „Господ ќе ти плати“ затоа што „со душман ортак се фати“. Рефренот за предавниците на слобода, а јунаците в темни зандани, станува веќе депласиран. Затоа време е за нов хит, малку повесел, оти и „предавниците“ се во затвор! Дали Господ им платил, или пак, некој многу поземски лик, сеедно?!

Општо земено, преродбениците веќе се однесуваат како да се по професија „патриоти“ со лиценциран патриотметар, иако „предавниците“ што ги измериле не се поклопуваат со доказниот материјал. Деновиве во патриотски вознес беше и шефот на агитпропот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски:

„Ако луѓето учат од тие што биле доблесни, чесни, посветени, пожртвувани, патриоти –ќе имаат подобар пример од тоа да мора да учат од оние што се калкуланти, превртливци, нечесни и предавници“, ќе нѐ едуцира Димовски, без да не извести кој е надлежен да одредува кои се чесни и патриоти, а кој се превртливци и предавници?

И што е најстрашно, предавниците немаат шанса ниту на суд да си ја одбранат честа. Само Господ им останува! И историјата, нели!

И после се, нормално е човек да се загрижи што ако најголемите патриоти, ма патриотишта бре, го извршат „најголемото предавство после 1903 година“, кои иако јавно „не се залагаа за промена на името“, сепак овозможат уставното име да ни се прошири и надгради? Искрено не верувам во ваков „предавнички“ чин, бидејќи уште лани, после заострената реторика со Филе, нашиот премиер ни ја објасни нова тактика на Брисел – под плаштот на критика за реформите, да се врши засилен притисок за името.

„Тие веруваат дека ако јас и Владата прифатиме некоја од грчките варијанти за решението за името, тогаш се решава проблемот со името, поточно дека нашата поддршка ќе значи успешен референдум. Тоа е голема грешка …“, разјасни Груевски.

Приказната за патриоти и предавници очигледно уште ќе биде курентна!

Владимир МИЛЧИН
НАХАЛНО ПЛУКААТ, А ПОТОА БЕГААТ КАКО ЗАЈАЦИ

Владеењето на Груевски ќе биде запаметено како царство на лаги и клевети. Лагите и клеветите се истураа и се истураат врз нашите глави од медиуми кои се хранат со пари од државниот буџет. Клеветниците кои седат во фотелјите на власта, владејачката партија и медиумите диригирани од  пропагандниот центар на груевистите, избегнуваат да се соочат со наклеветените „предавници и платеници“ на суд со помош на трикови достапни само за моќниците кои нахално плукаат, а потоа бегаат како зајаци. Зошто?

Затоа што немаат ниту еден аргумент, а не пак доказ, за да го поткрепат своето клеветење кое до неодамна им беше активност 24/7. На нивните клевети и лаги можеби нема да им биде пресудено во домашните судови, но нема сомнение дека животот ќе им пресуди. Тогаш ќе треба да одговорат на прашањето заради чии и какви интереси ја доведоа државата на питачки стап. И заради чии и какви интереси фрлаа со кал по оние кои предупредуваа и укажуваа дека секој ден одложување само ја влошува нашата позиција во спорот со Грција.

Цената за таквата погубна политика е голема, а отстапките што ќе мора да се направат ќе бидат поголеми од името Република Македонија (Скопје) за меѓународна употреба.  Ја претворија Македонија во заложник на нивната демагогија и популизам. Ја провинцијализираа и ја изрезилија, измислувајќи непријатели дома и надвор. Само за да можат да си повладеат некоја година отповеќе!

Поврзани новости