Хотелите во Охридско-струшкиот регион подготвени за работа, но гости нема

by fokus

Сместувачките капацитети, хотелиерите и приватните станоиздавачи ги добија протоколите за работа во новонастанатата ситуација наметната од епидемијата на коронa вирусот. Од понеделник е предвидено да ги отворат вратите затворени пред повеќе од четири месеци.

Според угостителите од Охридско-струшкиот регион мерките за заштита на туристите, но и на вработените, биле горе-долу очекувани, дури и познати со оглед на практиките во останатитот дел од светот каде веќе се работи со тој вид дејност во новонаметнатите услови. Велат ќе има мали потешкотии додека се фати ред, но се тоа може и ќе се решава во од, додека се прилагодуваат на ситуацијата. Се е тоа во ред, но без одговор останува најважното прашање – каде се гостите!? Тоа е главниот проблем на сите даватели на сместувачки услуги, но најмногу на хотелите затоа што најголемиот број реализирани ноќевања тие ги остваруваат токму од аранжманите за летување продадени преку понудите на тур-операторите од странство.

Ситуацијата е таква каква што е, инструкциите, правилниците за работа се донесени, тоа се мерки што хотелиерите велат дека ги спроведувале и досега. За одреден дел од спроведување на мерките од протоколите за работа ќе бидат потребни одредени инвестиции, меѓутоа оценуваат дека не се работи за големи издатоци.

Анета Бар, генерален директор на хотелот „Инекс Олгица“ објект со вкупен капацитет од 117 соби, осум апартмани односно 250 легла, вели дека тие како субјект се подготвени за работа согласно новиот протокол, дека нема некои големи услови што треба да ги исполнуваат. И пред појавата на Ковид-19 хотелските капацитети спроведувале редовна дезинфекција на прибор, дезинфицирале соби, санитарни јазли. Новина е што тоа сега ќе мора да се врши неколкупати дневно, па и почесто.

– Протоколите се дадени, со раководството на хотелот ги анализиравме чекор по чекор, ги распределивме активностите по сектори, видовме што треба да се набави дополнително. Останува на нас да ги спроведеме, а во текот на самата работа ќе видиме што дополнително треба да се направи, рече таа.

Новите протоколи за работа сепак ќе треба да претрпат и некои промени поради ограничените капацитети на објектите.

Но, на крај сепак се се врти околу најважното прашање, а тоа е каде се гостите.

– Проблемот не е протоколот, проблем е тоа што нема гости, а засега нема никаква најава за нивно враќање во Охрид. Сите договорени аранжмани за ова година се откажани, нема најава за ниту еден нов. Сите договори што ги имавме со странски агенции отпаднаа. Тур-операторите што носеа гости од Холандија и државите од Бенелукс се уште се оптимисти, дека доколку се нормализира колку-толку ситуацијата тие од втората половина на јули повторно ќе летаат кон Охрид, со намален број патници и помал број закуп на соби од претходно договореното. Лично не очекувам дека оваа сезона ќе имаме странски гости што би дошле преку организирани патувања, додека за домашните, исто така сметам дека ваучерите што ги понуди државата како помош ќе бидат искористени за сместување во хотели со пониска категорија, вели Бар.

Изминатиот период на забрани за движење и работа бил искористен за реновирање на објектот, освежување на капацитетите и нови содржини.

Поврзани новости