Текстот е објавен во Фокус број 964 од февруари 2016 година.
А богами и времето стоплува, еве го март, а по него и април, па револуцијата во свеста на граѓаните може да се случи како парадоксален изблик на незадоволството од најмолчаливиот во друштвото преродбеничко – Хорхе аболиционерот. Тој конечно ќе добие вистинска шанса да ја изигра најважната улога во својот живот, како кормилар на бродот што забрзано плови кон судир со една огромна ледена коцка, по што враќање назад ќе нема. Ни за него, ни за патниците на македонскиот „Титаник“!
Согласно уставот и законите, како омилена реченица на една од осомничените во „Титаник“, уставниот суд, таа последна брана на легализмот му ги одврза рацете на Ѓорѓе Иванов да помилува и амнестира кражба на идентитети, луѓе, животи и судбини. Многу е јасно дека Груевски нема ништо да остави на случајот за да ги спаси нему омилените министри, Јанкуловска и Јанакиески, по цена на уште еден невиден блам за државата пред очите на домашната, ем меѓународната јавност.
Играњето дрндупки со државава и со луѓето во неа како симболизам на едно владеење, но и итроштина во односите со меѓународните претставници, каква не покажале ниту владите на Гадафи, Лукашенко или Садам Хусеин е показател за респект пред кој знаат да замолчат и таму еди-којси амбасадори или комесари, во чие портфолио ќе остане запишано: Не може и не смее никој повеќе да ни ја сака државата, од нас, граѓаните, кои со отворени очи го гледаме пропаѓањето на македонскиот „Титаник“.
Попусти ќе се сите обиди на Катица Јанева и Ван Хојте да се подбиваат со режимската тупаница на македонските владетели, се додека инсталациите од десетгодишното корумпирање на сите интелектуални сфери во земјата мочат. Попусти ќе се полноќните прес конференции на Зоран Заев глазурирани со сјаен оптимизам, ако сваровски судството промптно ги аминува владините желби. Дотогаш мачките на Хојте ќе ја забавуваат јавноста, а „мачките“ на Катица, е токму тие ќе ја билдаат оптимистичката насмевка на поинаквите во земјава. Јасно е дека опаѓањето на популарноста на Груевски треба да доживее своја кулминација, така како што расте имиџот на корумпираната власт. А тоа ќе се случува низ сериозниот процес на обвиненија, не само за изборни нерегуларности, туку за уште десетици кривични дела од корупција и криминал, до прислушување и изживување со човечки судбини.
Тоа се дела во кои Иванов може да потпишува исто толку амнестии и аболиции, но тоа се дела во кои нема да може да побегнат од судот на јавноста.
Можеме да кукаме и да ја оплакуваме нашата судбина до недоглед, и да го колнеме 5 јуни како датум кој што е преуранет за востание(?!), но мора да погледнеме во очи. Народ дава, народ зема. Ако не се доволни 300 илјади луѓе за да му ја земат власта на Груевски и неговите, тогаш нека има 500 илјади, а ако и тие не се доволни тогаш дајте да преброиме милион. После долгиот вторник, опозицијата реално нема многу маневарски простор за нови одложувања, дури е и контрапродуктивно ако кон тоа ја насочи својата енергија, наместо кон обединување на целокупното граѓанско ткиво. Ако Заев згреши кога излезе од коалицијата со граѓаните, би било продуктивно сега да го признае тактичкиот автогол и одново да ја обедини таа граѓанска енергија. Да не се лажеме, СДСМ на 17 мај, на перфектен начин успеа да обедини и „партизани и германци“, и нема друга таква сила што би можела тоа да го направи. Затоа наместо плачки за медиумската слобода, работата треба да се извојува теренски.
Без залажување дека тимот на Катица Јанева ќе уапси некоја голема глава до изборите или дека специјален суд ќе направи пресврт во наредните 3 – 4 месеци. Формирањето на специјален суд, во вакви околности е невозможна мисија, а пресврт во медиумите ќе остане само желботека на опозицијата. Но, падот на популарноста на ВМРО ДПМНЕ ќе покаже наскоро дека не е невозможно оваа власт да падне и на избори. Најпосле ќе се покаже дека тоа е единствениот пат по кој граѓаните на оваа земја можат да ги казнат криминалните политики.
Зошто да не? Имиџот на чесноста за Груевски и неговите е урнисан, митот за непобедливоста падна (човекот веќе не е премиер, а министрите на СДСМ се во Владата), човечињата фатени за рачиња веќе нема да си гласаат, а богами нема ниту задушница да се чека на избирачките места, за да си ги најдеме покојните мајка и татко! Да, клиентелизмот ќе остане, медиумите и натаму ќе го величаат „пастирот“, а ќе го шибаат „црпнатиот“, но последнава година како никогаш во последниве две децении покажа дека е пробудена и дел од граѓанската совест.
А богами и времето стоплува, еве го март, а по него и април, па револуцијата во свеста на граѓаните може да се случи како парадоксален изблик на незадоволството од најмолчаливиот во друштвото преродбеничко – Хорхе аболиционерот. Тој конечно ќе добие вистинска шанса да ја изигра најважната улога во својот живот, како кормилар на бродот што забрзано плови кон судир со една огромна ледена коцка, по што враќање назад ќе нема. Ни за него, ни за патниците на македонскиот „Титаник“!