Стотици граѓани се собраа спроти парламентот, кај Жена-парк, за да изразат револт против плаќањето на придонеси за пензиско и за здравствено осигурување од страна на хонорарните работници. Хонорарците на овој протестен собир се поддржани од граѓани, невладини активисти, но и од студентите, кои го окупираат скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Инаку, владата со нови законски измени предвиде придонеси да не се плаќаат за целиот хонорар, туку за разликата над минималната плата која изнесува нецели 10.000 денари. Но, демонстрантите сметаат дека треба целосно да се повлече законот и да се утврди ново преку јавна дебата.
– Откако претходните измени ги презентираше како најдобри, сега власта се сети да излезе со нови. Со последните измени власта прави поделба меѓу вработените и невработените, а поделби не ни се потребни во општеството. Вака покажуваат ароганција во владеењето и дискримининација на невработените и хонорарците – рече Здравко Савевски од левичарското здружение „Солидарност“.
Претседателката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис, пак, истакна дека последните законски измени, со кои власта ретерираше од првичното решение, се козметички.
– Поради нив, хонорарците се уште не може да ги земат своите хонорари – посочи таа.