САД и ЕУ одблиску го следат спроведувањето на Договорот од Пржино, потребните реформи во медиумите, прочистувањето на Избирачкиот список и работата на Специјалното јавно обвинителство, изјави Високиот претставник на Стејт Департментот, Хојт Ји, по серијата средби со највисокиот државен врв.
Според Ји, од исклучителна важност е сите страни да соработуваат со работата на специјалната обвинителка за нејзината работа да биде без политичка вмешаност и независна.
“Одблиску гледаме на некои специфични проблеми а тоа ги вклучува Избирачкиот список кој е во процес на прочистување и драго ние што е започната вкрстена проверка, а исто така ги набљудуваме и реформите во медиумите и улогата на медиумите за обезбедување на фер поле за изборите. Одблиску гледаме и на целокупната атмосфера во која гласачите треба да можат да гласаат слободно”, изјави Хојт Ји.
Високиот претставник на Стејт Департментот, истакна дека сите институции и политичките партии треба да ја почитуваат работата на Јанева, додавајќи дека секој кој е одговорен за политичката криза во земјава треба да одговара согласно владеењето на правото.
“На нашите состаноци потенцираме дека е многу важно да се поддржи Специјалното обвинителство, да се поддржи владеењето на правото, и да се осигура дека сите официјални претставници да одговараат за своите дела во согласност со владеењето на правото. Мислам дека нашата порака е разбрана од сите политички партии, очекуваме да го поддржат Специјалното обвинителство, ние ќе го набљудуваме тоа и ако забележиме прекршувања или обструкции ќе дадеме совет како треба да се постапи понатаму”, додаде Ји.