Херцог: Израел е подготвен за уште едно примирје во замена за заложници

by Fokus

Израелскиот претседател Исак Херцог пред група амбасадори од 80 земји изјави дека неговата земја е подготвена за втора пауза во конфликтот со Хамас во замена за ослободување на уште заложници од Појасот Газа.

Херцог ги истакна хуманитарните напори на Израел, апелирајќи до меѓународните организации да направат повеќе за да придонесат за испорака на помош за палестинското население, соопшти кабинетот на претседателот.

„Количината на хуманитарна помош може веднаш да се зголеми за три пати“, рече израелскиот претседател, тврдејќи дека Израел проверува стотици камиони дневно на својот премин во Никеја, но дека агенциите на ОН и другите партнери не успеале да го задржат тоа темпо и дека само дневно во Газа влегуваат 100 до 125 камиони.

Херцог, чија улога во политичкиот живот на Израел е главно церемонијална, истакна дека Израел не е во војна со палестинскиот народ, туку со неговиот непријател, „терористичката организација“ Хамас.

„Можам да го повторам фактот дека Израел е подготвен за уште една хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да се овозможи ослободување на заложниците. А одговорноста е целосно на Сивар (Јахја, лидерот на Хамас во Газа) и раководството на Хамас“, им рече Хрцог на амбасадорите.

Обединетите нации одговорија на тврдењето на Херцог дека израелското бомбардирање го отежнува безбедното доставување на помошта.

САД побараа од Израел да го отвори својот премин Керем Шалом, бидејќи помошта доаѓаше само преку преминот Рафа од Египет. Во неделата беше отворен Керем Шалом и околу 200 камиони влегоа во Газа за првпат од почетокот на војната.

За време на еднонеделното примирје на крајот на ноември беа ослободени 105 заложници, во замена за ослободување на 240 палестинки и малолетници од израелските затвори, потсетуваат израелските медиуми.

Поврзани новости