Хелсиншки: Со акцијата „Јустиција“ се најавува воведување на полициска држава

by Фокус

Приведувањето на судиите од Одделението за прекршоци во Основен суд Скопје 1 Скопје, во акцијата „Јустиција“, е доказ за кршење на Уставот и Законот за кривична постапка, обвинуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од комитетот објаснуваат дека неприфатливо е тоа што полицијата на сопствена иницијатива и без претходна наредба на судот, уапси ни помалку ни повеќе  14 судии и 11 стручни и други службеници.

„Потсетуваме дека без одобрение од судот, полицијата може да лишува од слобода само во случаи на исклучителна итност, а не за дела кои се следени и истражувани подолго време. Покрај тоа, во правна држава судиите за своето несовесно или неажурно работење одговараат пред Судскиот совет, како што впрочем тоа е пропишано и во Уставот на РМ, Законот за судови и Законот за судскиот совет. Полицијата може да апси судии само за други кривични дела, или во случаи на утврдени сериозни незаконитости кои претходно ќе ги утврди судскиот совет“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од Комитетот додаваат дека со ваквото постапување воочлива е тенденцијата на извршната власт да влијае врз судската, со што се нарушува принципот на владеење на правото.

„Повеќе од очигледно е дека оваа акција беше спроведена за да се дефокусира  вниманието на јавноста од извештајот за напредокот на земјата на Европската Комисија за Република Македонија, кој содржи остри критики кон извршната власт. Имено, акцијата беше спроведена истиот ден кога извештајот беше објавен, наведуваат од Хлесиншки, потенцирајќи дека ова е крајот на правната држава и гласна најава за воведување на полициска држава во Македонија.

Од таму пабараа и одговор од МВР зошто од година во година има сè послаби резултати во откривањето на сторителите на пријавени кривични дела.

„Според податоците на државниот завод за статистика, од 35.000 пријавени сторители на кривични дела – 20.000 останале непознати! Во 2005 година од 24.000 пријавени само 8.000 останале непознати! Ќе одговара ли некој за ова? Се чуваат ли можеби некои случаи во фиоките на МВР? Се работи за дела каде жртви се граѓаните на Република Македонија, за разлика од случајот „Јустиција“, каде жртва е државниот буџет, за кој власта очекува да го полнат граѓаните преку казни“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од комитетот, прашуваат, и дали е поголем криминал кога парите на граѓаните се прелеале кај криминалците или тоа што парите од ситни прекршоци на граѓаните не се прелеале во државната каса?

 

Поврзани новости