Хелсиншки комитет: Да се казнат функционерите кои повикуваат на линч

by fokus

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро ги осуди вчерашните говори на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои на протестот пред Државната изборна комисија повикуваа на бунт и ширеа говор на омраза и клетви.

Од Хелсиншки наведуваат дека во говорите се забележат елементи на кривичните дела предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и загрозување на сигурноста кон повеќе лица, казниви според Кривичниот законик.

-Согласно чл. 144, став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија, тој што ќе ја загрози сигурноста спрема повеќе лица со сериозна закана дека ќе нападне врз нивните животи или тела или животите или телата на ним блиски лица, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. Воедно, според член 319 од Кривичниот законик, се предвидува казна затвор од една до пет години за тој што со принуда, малтретирање, загрозување на сигурноста, изложување на подбив на националните, етничните или верските симболи или на друг начин, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост- посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму апелираа до надлежните државни институции, вклучувајќи ги Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, да преземат итни и неодложни мерки против овие функционери.

Поврзани новости