Хелсиншкиот комитет ќе поднесе кривични пријави против двајцата директори на Фондот за здравство за несовесно работење на службата во случајот со малата Тамара Димовска, која имаше искривен рбет и која со месеци беше одбивана од лекарските комисии за лекување во странство, чекајќи да се отвори Спиналниот центар на хируршките клиники.
Според нив, во двете конзилијарни мислења има назнака„итно“, а тоа може да се забележи на документите кои ги покажаа од Хелсиншкиот комитет. Од поднесувањето на барањето на 28-ми април 2014-та година до денот кога е одговорено, односно е донесена првата негативна одлука поминале цели шест месеци.
– Одеднаш министерот Тодоров се заинтересира за случајот и излезе со изјава дека Фондот ќе го плати лекувањето. Министерот не може да одлучува во име на Фондот. И повторно институциите се однесуваат бирократски, бараат нова документација на која повторно има назнака „итност“. За тоа време деформацијата на рбетот од 40 степени се зголемува на 80 степени – истакна Уранија Пировска извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.