Хелсиншки бара МВР да го укине огласот за нови 600 вработувања

by fokus

МВР е најголемиот работодавач во Македонија и дека на секои 100.000 жители ангажирани би биле приближно 395 полицајци (според пописот од 2001 година). Според истражување на Обединетите нации, просечниот број на овој сооднос во светот е 300, а што се однесува на вкупниот број на вработени во МВР, според статистиката на Еуростат, македонското МВР се наоѓа на трето место по број на вработени, а повеќе вработени има единствено во Кипар и Црна Гора.

Ова е реакцијата на Хелсиншки комитет откако на 10 јули МВР објави оглас за вработување на 652 извршители, од кои 600 на работно место „полицаец“, кој  го повика МВР веднаш да го повлече објавениот оглас и наместо на квантитет и вработување на партиски кадри да се посвети на професионализација на полицијата и бројот на вработени да го усогласи со бројките предвидени во Стратегијата за реформи на полицијата.

„Огласот следува по огласите за вработување на 300 полицајци во 2012 и 400 полицајци во 2013 г. Според тоа, за 3 години, МВР ќе се јави како работодавач на нови 1.300 полицајци. Во ноември 2013 г. Хелсиншкиот комитет до МВР испрати барање на информации за вкупниот број на вработени лица во Министерството. Според одговорот, тој број изнесува 10.755 од кои 6.579 се униформирани полициски службеници, а останатите вработени се неуниформирани, овластени лица, државни службеници и технички персонал. Имајќи предвид дека овие податоци се однесуваат на бројот на вработени пред потпишување на договорите за вработување со кадетите од огласите објавени во 2012 и 2013 г., бројот на униформирани полицајци во Република Македонија изнесува максимум 7.297 (реалната бројка е најверојатно малку помала, имајќи предвид дека дел од полицајците во изминатата година и пол го исполниле условот за пензионирање). Доколку на оваа бројка се додадат новопредвидените 600 полицајци, вкупниот број на вработени во МВР ќе надмине 11.000, а бројот на униформирани полицајци ќе биде околу 7.900“, наведува Хелсиншки комитет.

Од таму велат дека особено загрижува фактот што при објавување на огласите МВР не нуди никакво образложение која е потребата од зголемување на и така преголемиот број на вработени.

Поврзани новости