Хеликоптери на КФОР ги надлетуваат премините на северно Косово

by fokus

Веќе трет ден единиците на косовската специјална полиција РОСУ се наоѓаат на административните премини Јариње и Брњак откако приштинските власти воведоа мерка за регистарските таблички, односно да се отстрануваат српските ознаки, а да се ставаат привремени косовски. Тоа ги засили тензиите на северот и предизвика загриженост кај локалните жители.

Српските медиуми јавуваат дека припадниците на РОСУ се опремени со блиндирани возила, долги цевки, шок бомби, а ситуацијата е мирна, но напната.

Поради случувањата на Косово вчера беше одржана седница на српскиот совет за национална безбедност, а на јавноста ѝ се обрати српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој кажа дека добил предлог за решавање на ситуацијата на премините Јариње и Брњак, но дека го одбил предлогот, за што добил согласност од советот за национална безбедност.

Косовската полиција соопшти дека за 24 часа издала 1.455 пробни регистарски таблички. Репортер на РТС јавува дека во општините на северот на Косово и понатаму се возат автомобили со српски регистрации, а според непотврдени информации тие возилата ги проверува косовската полиција во цивил, пренесува РТС.

Косовските медиуми јавуваат дека главните патишта кон Јариње и Брњак се блокирани со тешка машинерија која ја поставиле незадоволни граѓани Срби поради потегот на Приштина.

Поврзани новости