Се одложи јубилејниот концерт на Ѓоко Ѓорчев

by fokus

Концертот на поп пејачот Ѓоко Ѓорчев, кој требаше да се одржи вчера на градскиот плоштад во Неготино, а со кој популарниот музичар најави одбележување на 30 години музичка кариера, се одложи, поради технички причини.

Истиот ќе се реализирал наредните денови, и Ѓорчев вели дека публиката навремено ќе биде информирана за сите детали.

-За жал, иако планиравме концертот да се случи на големиот верски празник Мала Богородица, односно на 21-ви септември, датумот мораше да се помести за неколку дена. Причините се од техничка природа, односно во врска со озвучувањето, а јас како човек кој сака секогаш на публиката да и го понуди најдоброто, решив да не брзам, настанот може и да почека неколку дена – вели тој.

На концертот, чиј точен датум и време на одржување ќе бидат наскоро соопштени, планирано е да настапат голем број на музичари со кои Ѓорчев соработува изминатите години.

Катерина Танеска, Кате и Соната, Интервали, Кристина Палија, Ирена Стевановска, бендот на Филип Стевановски се само дел од гостите кои ќе запеат на сцената со македонскиот Том Џонс.

Поддржувачи на концертот се винаријата Бовин, Либерта, Ротари клуб Неготино, како и Општина Неготино.
Во разговор за ,,Фокус” од минатиот месец, Ѓорчев изјави дека градоначалникот Тони Делков се воодушевил од идејата да се направи голем концерт во градот, посебно во период кога пред пандемијата се одржуваше традиционалниот Неготински панаѓур.

Стопанско-трговската манифестација веќе втора година по ред е откажана, поради мерките за заштита од вирусот, па музичарот вели дека во лошото време со кое се соочува човештвото, еден ваков настан ќе им ги тргне барем на кратко мислите и ќе ги расположи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости