Пишува х. Сулејман еф. Реџепи
Прочитав некаде дека според едно истражување што го направиле неколку експерти што се занимаваат со анализа на тероризмот воопшто, регистрирале точно 109 дефиниции за него. Значи, самиот факт дека постојат толку многу дефиниции кажува дека постојат и толку ставови кон тоа зло што го тресе светот.
Во секој случај, тероризмот останува најупотребуваниот израз во последно време, но останува и прашањето: дали сите што го употребуваат тој израз, го разбираат. Дали на сите им е јасно што значи тероризмот и што го предизвикува, дали треба терористите да ги делиме според идеологијата на која ѝ припаѓаат и според методите и целите што ги имаат.
И, над сѐ, дали ни е јасно на сите нас дека кон секој тероризам треба да имаме исти ставови. Бидејќи, ако ги селектираме и ги класифицираме нашите ставови кон оваа опасност што се шири со неочекувана брзина, тогаш бадијала дискутираме и го анализираме тероризмот. Тие дискусии и анализи ќе останат само штура пропаганда и апологетика.
Тероризам или герила
Париз, Анкара, Истанбул, Брисел. Сите овие градови прокрвавија од терористите и во сите нив жртви беа недолжни луѓе. Со право, Париз и Брисел предизвикаа интерес на целата светска јавност и со нивната несреќа се солидаризира целиот свет. Но, неправедно, терористичките акти во Турција, иако со ист интензитет и можеби со потешки последици, минаа во светската јавност многу понезабележливо.
За да бидат сарказмот, иронијата и селективноста уште поизразени, некој рече дека „Во Турција се работи за герилски акции и жртвите претставуваат колатерална штета“.
Да експериментираш со ставот кон еден терористички акт и да го квалифицираш арбитрарно, неспорно значи дека кај едната страна, која било да е таа, ќе предизвикаш незадоволство и револт. Ако на сето тоа ја додадеме познатата фраза „Тоа што за некој е тероризам, за другите е борба за слобода“, која егзактно ја објаснува политичката релативност на поимот тероризам, станува појасно со каков проблем се соочува светот.
Тероризмот е насилство, но за кое насилство можеме да кажеме дека не е тероризам, кое насилство е „добро“, а кое е „лошо“? Зошто нашиот тероризам е оправдан, а тероризмот на другите кон нас го сметаме како ужасно дело ? Што го дефинира тероризмот ?
Пишувајќи го овој текст, наидов на една шокантна видеосторија што кружи низ интернет. А во неа, еден израелски војник ладнокрвно екзекутира еден ранет Палестинец, кој лежи на земја. Палестинецот, според Израелците, бил „терорист“, кој со нож ранил еден нивен војник. Ама, Палестинците, пак, се убедени дека момчето било борец за слобода и дека Израелците се терористи. Како и да е, момчето го екзекутираа со куршум во главата, без некоја видлива потреба.
Во меѓувреме, дилемата се продлабочува и се импонира прашањето -зошто насилството на едната страна обично се нарекува „напад“ или „акција“, а противодговорот на нападнатиот секогаш е тероризам?
Вон ужасните терористички напади што се случуваат секојдневно и се закануваат количински и со интензитет, свесните луѓе се обврзани да го бараат вистинскиот мотив на тероризмот и да се обидат да најдат начин за да го превенираат. Со тоа што некои лица и групи ќе ги наречеме „терористи“, ние автоматски ги исклучуваме од нормите на нормалното однесување, дури и ги дехуманизираме. За жал, на тој начин не сме направиле исчекор, ништо што ќе го спречи тероризмот.
А тие, значи терористите, вдлабени во својата омраза и занесеност, по информациите што одвреме навреме стигнуваат до јавноста, бараат други форми и можности за да предизвикаат хаос и поголем страв. Тие, меѓу другото, се обидуваат да се дофатат до оружјата за масовно уништување, при што нивните досегашни дела јасно покажуваат дека тие воопшто не би се двоумеле и да го употребат тоа оружје.
Кој е излезот
Не еднаш сум пишувал против тероризмот, особено против оној што се обидува да се прикаже себеси во исламско руво. Никогаш нема да прифатам дека во името на Алах може да се убиваат недолжни луѓе бидејќи тоа е најголемиот грев за кој следи и најголема казна од Творецот. Во тоа сум убеден, во тоа верувам јас.
Но, никој не може да го негира фактот дека војните на Истокот го создадоа и го пуштија од ланци чудовиштето што сѐ потешко се контролира. Во моментов, бројот на борците на ИСИС само се зголемува. Бројот на луѓето спремни да се разнесат себеси во акција, исто така. Паралелно со тоа, повеќе од четири милиони луѓе се раселени само од Сирија, а голем дел од нив се упатени кон Европа, која веќе е сведок на невидена хуманитарна катастрофа.
Колку иронично звучи, но токму таа хаотична ситуација што ѝ се случува на Европа и на сите нас, ја предвидуваа Гадафи и Асад, а тоа и го велеа во своите обраќања на почетоците на кризата. Се разбира, никој не им обрнуваше внимание на двајцата омрзнати диктатори, а најмалку странските тајни служби. Во секој случај, тероризмот и хаосот, како што велеа диктаторите, дојдоа на нашиот праг. А чарето?
Треба да се признае дека воените интервенции, историски гледано, не покажале некој забележителен успех во борбата против тероризмот. И не покажуваат некој аман аман успех ниту во актуелниов момент. Затоа, свесни дека тероризмот веќе се експортира сериозно од кризните жаришта, веќе не е занемарлив бројот на тие што мислат дека е дојдено времето на овој проблем да му се изнајде некое политичко решение. Бидејќи, во основа, проблемот и е строго политички, тој не е национален и никако не е верски.
Реков и на почетокот дека светот не успева да ја срочи ниту точната дефиниција на тероризмот. Како ќе го превенира и како ќе ја реши опасноста од бомбите што ни се закануваат, останува да се види. Сите ние, посебно муслиманите, должни сме да помогнеме во изнаоѓање на решението бидејќи сме и должни да ја исчистиме дамката на тероризмот што се шири врз стеблото на исламот. Светот е среде хаос, а Алах не го сака хаосот. Среќа, сѐ уште не е дојдено времето на Армагедон.