Хан: Постапката на Макрон е навреда за годините што ги поминавме во подготвување на Преспанскиот договор

by Fokus

Официјални разговори за Северна Македонија и Албанија за влез во Унијата, вели еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за Фајненшл тајмс.

Тој се соочи со проблем кога беше назначен за комесар на Брисел надлежен за проширување на ЕУ: исполнувањето на клучната работа на неговата функција не доаѓаше предвид.

Неговиот шеф, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, јасно стави до знаење дека блокот нема да добие нови членки во негова смена. Тоа беше признавање на сè поголемите проблеми на ЕУ, откако таа скоро дупло се зголеми помеѓу 2004 и 2013 година.

Задачата на Хан беше да ги задржи нациите-аспиранти за ЕУ (главно на Балканот) на патеката кон приклучување без да може да им понуди сигурно членство. Но дури и таа цел беше напуштена откако земјите-членки на ЕУ минатиот месец не се согласија да ја одобрат неговата препорака Северна Македонија и Албанија да почнат формални разговори за пристапување.

Поради оваа одлука ЕУ беше обвинувана дека ги изневерила балканските нации и занемарила еден стратегиски и нестабилен регион – а Хан, во интервју на крајот на своите пет години во кои беше задолжен за проширувањето, јасно ја покажа својата фрустрираност од она што го смета за стратегиска грешка.

Неуспехот дојде „точно во времето кога навистина треба да ги зајакнеме нашите напори да станеме посилен глобален играч“, рече конзервативниот австриски политичар за Фајненшл тајмс. Губењето на влијанието „во еден регион толку блиску до нас, историски и географски“ ќе остави вакуум, кој ќе биде пополнет од стратегиските конкуренти на ЕУ, како Кина и Русија, рече тој.

Најболното, рече Хан, беше „фактот што ЕУ не го покажа принципот на партнерство и одговорност за кој секогаш проповедаме и на кој секогаш можевме да се потпреме“.

Францускиот претседател Емануел Макрон го спречи почнувањето на преговорите со Скопје и Тирана. Хан ја искажа фрустрацијата што Париз ги спречи преговорите со Северна Македонија, дури и откако таа постигна договор со Грција за исклучително деликатното прашање за името, вели ФТ.

Хан вели дека ова е навреда за годините што комисијата ги поминала во поставувањето на политичката рамка за договорот и дека е испратена погрешна порака до регионалните лидери.

„Процесот на пристапување е заснован на заслуги и ако не го признаеме напредокот, нема да има стимул за реформи“, рече тој.

Хан откри дека непосредно по одлуката за блокирање на пристапувањето, српскиот претседател Александар Вучиќ му рекол дека е „нејасно зошто тој, по последните случувања, треба да биде мотивиран да влезе во преговори“ со својата поранешна покраина Косово, чија независност Белград сè уште не ја признава.

Поврзани новости