Четворица уставни судии со обид да ги спасат обвинетите функционери, комисиите имале поголема одговорност при јавните набавки

by Fokus

Уставните судии Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски и Осман Кадриу тргнаа  да ги спасат од кривична одговорност обвинетите и осомничени функционери од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ: Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска, Бујар Османи и други, со обид да се изврши упад во надлежноста на Владата и Собранието со намалување на одговорноста за злоупотребите при јавни набавки, пишува СДК.

На денешната седница, дел од овие судии кажаа дека многу била висока казната од минимум 5 години затвор во членот 353 став 5 за злоупотреба на Буџетот на граѓаните од страна на високите функционери. Рекоа дека вината треба да ја сносат членовите на комисиите за јавни набавки, иако одлуките за јавни набавки ги носат министрите, а комисиите само даваат предлог за избор на најповолен понудувач, што на крајот и министрите не мора да ги потпишат.

Овој член, став 5 го оспори до Уставниот суд лани Еленко Миланов, адвокатот на Јанакиески и на Груевски. Тој предлага да се укине овој член, или да се прифати претходната поблага одредба, која пред 2009 година била за овие злоупотреби 4 години затвор минимум, што ако се прифати, застаруваат сите вакви дела за обвинетите функциoнери од СЈО, и особено големиот број истраги кои чекаат да бидат распоредени од Државниот обвинител Љубомир Јовески.

Како што пишува СДК.мк , откако ги ислуша жолчните говори на овие судии кои бараа да не се чека, да не се викаат експерти и веднаш да се прифати иницијативата на адвокатот, новиот претседател Сали Мурати, чија седница денеска му беше прва по изборот, рече:

„Јас не гледам непрецизност во одредбата. Оваа норма не е тазе норма, уште од 2004 година е. Се работи за големи злоупотреби на средства на граѓаните. Ние не треба да се мешаме во креирање на казнената политика, што е работа на Владата и на Собранието. Не е тоа наша работа. Замислете да ја нема оваа одредба. Што ќе биде? Секаде во светот располагањето со буџетските пари на граѓаните е содржана во најтешките кривични дела. Овие норми и тоа како се потребни во земјите во транзиција. Ако ја олабавиме казната, бројот на овие кривични дела уште толку ќе се зголеми“.

Потоа Мурати праша: „А зошто невин да се плаши од оваа норма? Се плаши само виновен функционер. Јас сметам дека сегашната норма треба да остане“.

На крајот уставните судии одлучија гласањето дали да се прифати иницијативата за застарување на предметите за злоупотреби, да се одложи за следната седница на Уставниот суд.

Поврзани новости