Еврокомесарот Јоханес Хан, по презентирањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, порача оти има позитивни чекори во однос на имплементирањето на Пржинскиот договор, но оти кризата допрва ќе се решава.
Хан порача дека прв чекор за напредок е спроведување фер избори и обезбедување услови за непречена работа на Специјалното јавно обвинителство.
Сепак, на прашањето дали меѓународната заедница ќе бара продолжување на мандатот на СЈО и формирање специјално судско одделение , Хан вели дека тоа прашање ќе се разгледува по изборите.
– Прво, мора да се спроведат фер и демократски избори, во согласност со стандардите на ЕУ, а потоа новата влада ќе треба да спроведе реформи и да решава за овие прашања. Сè уште има време и СЈО треба да продолжи да си ја врши работата. Во моментов постои потреба да се направи проценка, но сепак треба да се фокусираме на изборите, на формирањето нова влада, која ќе ги спроведе следните чекори. Целта е Договорот од Пржино целосно да ја реши кризата – рече Хан.
Според еврокомесарот, ситуацијата не е лесна и за земјата и за клучните личности во државата, но СЈО има важна улога во понатамошната стабилизација на политичката ситуација на државата.