Хан: Иванов да му го даде мандатот на Заев

by fokus

Еврокомесарот Јоханес Хан го повика претседателот Ѓорге Иванов, мандатот за состав на влада да му го додели на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

-Бидејќи се собраа доволно потписи, ги очекуваме следните чекори. Сега очекуваме претседателот да го даде мандатот за состав на следната влада на кандидатот од партиите кои имаат мнозинство во Собранието, во согласност со Уставот-се вели во изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан објавена денеска на сајтот на Европската унија.

Хан ги повикува „сите релевантни актери вклучувајќи го Претседателот и Парламентот, целосно да се однесуваат во согласност со Уставот и на одговорен начин, за да овозможат формирање на влада која ќе ги адресира сите реформи“.

-Промените во демократските општества се природни и треба да бидат добредојдени, кога се резултат на веродостојни избори. Прифаќање и почитување на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. За опструирање и потценување на ваквите напори нема место во еден демократски процес. Затоа, очекуваме од сите партии да ги почитуваат демократските принципи и стандарди и да се вклучат конструктивно и да целат кон наоѓање основа за соработување, наместо за можности за да се спречуваат едни со други. Ваквиот пристап ја одведе земјата во криза. Мора да се избегнува од сите, без разлика дали се работи за власта или опозицијата. И власта и опозицијата имаат улога и релевантност во функционирањето на една демократија и двете можат да ја обликуваат иднината на земјата. Заедничката обврска на сите партии земјата да ја движат кон евроатланскиот пат е национална стратешка цел и нуди широка основа за соработка за многу потребните реформи. Ова го бараат граѓаните и го заслужуваат – стои во изјавата.

Поврзани новости