„Бомбата” пак во рацете на Иванов

by fokus

Откако Зоран Заев и официјално беше избран од врвот на СДСМ за мандатар за состав на влада, очите на јавноста повторно се вперени кон претседателот Ѓорге Иванов, кој сега треба да му го додели тоа овластување.

По враќањето на мандатот од Никола Груевски, откако не успеа да состави влада, претседателот му постави услов на Заев, прво да докаже дека има мнозинство во парламентот, за потоа да добие мандат за состав на влада. Заев сега има доказ во форма на пратенички потписи, кои ДУИ вчеравечер вети дека ќе му ги даде, заедно со БЕСА и Алијансата на Албанците.

Сега, „бомбата”, како што ја нарече Али Ахмети, повторно е во рацете на претседателот.

Аналитичарите се поделени, некои велат дека Иванов е должен да му го даде мандатот на втората партија според освоени мандати и дека во спротивно би го прекршил Уставот. Експертите блиски до власта пак, во своите јавни настапи веќе спремаат терен за поинакво сценарио.

Имено, претседателот го услови следниот мандатар, покрај доказ за мнозинство, да даде гаранции за зачувување на унитарноста на државата и во владината програма да има гаранции за реформи во безбедносните структури. Кој ќе има овластување да оцени дали унитарноста на државата би била загрозена и според кои критериуми ќе го направи тоа, Иванов не прецизираше.

„Зачувување на унитарноста” е главен термин и во дискурсот на соопштенијата од ВМРО-ДПМНЕ, од каде вчеравечер стигна проглас до членовите, доколку Заев формира влада „да излезат и да ги бранат националните интереси”. Протестите започнаа уште истата вечер, кога врвот на партијата порача дека не помислува да оди во опозиција.

Покрај притисокот на ДПМНЕ, новата влада и натаму е неизвесна поради калкулациите на ДУИ. Иако Ахмети му ги даде пратеничките мандати на Заев, тој потенцира дека тоа е само формално и дека за коалиција допрва ќе преговараат.  Зоран Заев пак, е оптимист и најави дека влада ќе има до почетокот на март.

Ирена Каревска

Поврзани новости