Хан ги повика партиите на нова рунда преговори

by Фокус

Eврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, испратил писмо до лидерите на четирите партии, потписнички на Договорот од Пржино во кое ги повикува да се вратат на преговарачката маса, дознава Алсат-М.

„Страните повторно да почнат дијалог и неопходно да најдат компромисно решение. Да се спроведат сите реформи, да се прочисти избирачкиот список заедно со реформите во медиумите. Изборите неопходно е да бидат сеопфатни…“, е содржината на писмото од Брисел испратено преку амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Политичките партии, за телевизијата, не ја коментираат содржината на писмото на комесарот кој побарал и омекнување на ставовите и компромис за излез од политичката криза.

Инаку, прехотната средба која требаше да се случи во Виена, на иницијатива на Европската комисија беше откажана. Тогаш опозицискиот СДСМ по консултации и со граѓанскиот сектор, постави два услова за да учествува на состанокот и тоа: Претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболицијата и Собранието да се свика пак за да ја отповика одлуката за предвремени избори на 5 јуни.

Во првите реакции по откажувањето на преговорите во Виена и аболицијата на Иванов, преку соопштение Хан и Могерини им дадоа поддршка на мирните протести во Македонија кои земаа замав во земјата.

Според Брисел, решението на кризата мора да биде институционално, но признаваат дека мирните протести можат да помогнат лидерите побрзо да ја донесат одлуката за повторни преговори и да бидат поконструктивни.

 

 

Поврзани новости