Хајредини: Силјановска беше националистка, сите барања на Албанците ги квалификуваше како неуставни

by fokus

Не е морално некој да биде кандидат на партија која целокупниот период, од 90-тите до сега, го означува како погубен, криминален и предавнички. Да бидеш министер на таа Влада и потоа да се кандидираш и да те поддржи таква партија ми се чини како крајно несфатливо, вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во Владата на Бранко Црвенковски, кога министер без ресор беше кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Силјановска.

Силјановска ги прозва колегите Албанци од таа Влада да посведочат за тоа каков човек и министер била таа. Хајредини вели дека е изненаден од овој повик.

Тој сведочи дека Силјановска била националистка и дека била против Охридскиот рамковен договор, велејќи дека не е уставен, како и против албански јазик во високото образование.

-Тоа време беше многу сложено. Прв пат беше формирана партиска коалициона Влада, затоа што најголем притисок за тоа да не се коалицира и соработува со албанските субјекти вршеше токму партијата ВМРО ДПМНЕ. Партија која благодарение на таа жестока антиалбанска политика се афирмираше и, за жал, долго време се одржуваше, па и ден денеска ја имаме на политичката сцена на Македонија. Ѝ доликува ли на личност која во тоа време била министер, сега да биде поддржана од таква една партија? Овој чин зборува сам за себе – вели Хајредини во интервју за „Цивил медиа“.

Според него доколку Силјановска победи на изборите, тоа ќе биде на штета на ВМРО-ДПМНЕ.

-Таа нема капацитет, како претседател на државата, да ги исполни нивните очекувања. Во тоа време имавме проблеми на релација сите македонски партии и ПДП, затоа што се вршеше огромен отпор за многу битни барања за Албанците, во поглед на образованието, јазикот и така натаму. Јас тогаш не видов и не можам да сведочам дека Гордана Силјановска Давкова нешто се разликувала од тој отпор – раскажува тој.

Прашан дали и таа била дел од отпорот кон барањата на Албанците, Хајредини вели:

-Апсолутно! А и не можела да не биде. И тогаш како и сега, таа се повикуваше на Уставот. Бидејќи таа беше министер без ресор, беше ангажирана во доменот на политичкиот систем. Таа сите барања на Албанците, како што и сега всушност прави во последниве 10 години, ги квалификуваше како неуставни. Таа беше жестоко против Охридскиот договор, против терминот заедници, да не зборуваме за јазикот и така натаму. Тогаш стана збор за високото образование на албански јазик и таа, нам, на министрите на ПДП, ни велеше дека тоа е противуставно. На една дебата, после Охридскиот договор, каде учествувавме двајцата, таа, зборувајќи за 2001 година, рече дека договорот е неуставен. Нејзините изјави се јасни. Не се мерат меѓуетничките релации со тоа кој какви лични односи има, туку кој како се однесува кога се носат одлуки за сите – порачува тој.

Поврзани новости