ГТЦ е бастион на ослободувањето!

by Фокус

Пишува
Александар ПЕТРОВ

Конечно, по прв пат во историјата, скопски Центар демократски ќе се бори за својот урбанизам. Вакво нешто ретко да се случило некаде во светот. Иако во нашиот случај институциите беа токму тие кои го уништија централното јадро, преку нив овојпат ќе се одвива борбата за спас на единствениот градски култ кој се уште опстојува.

Задушени од секојдневната институциска узурпација, корумпираност и исчезнување на градскиот простор, сеграѓанството беше единствено кое  успеа да се избори за една ваква уставна разрешница.

ГРАД КОЈ ЈА ЗАДУШИ СЛОБОДАТА

Ова е последен чин за заштита на едно културно и историско добро, кое има пошироко значење за градот, кој бара да се ослободи од своите сопствени стеги. Град кој го нагриза своето сопствено битие (центарот), град кој го уништи својот природен и историски тек, град кој ја задуши својата слобода.

Затоа ГТЦ ќе остане последното урбано жариште на општината каде во сето ова невреме на нашата апатија беше изложена на политичка доктрина и урбана инквизиција.

Единствено граѓанските движења и нивниот активизам останаа доследни на нивното морално и општествено значење. Иако уште од самите почетоци се појави критичка маса која делуваше со низа иницијативи, која  ја насети деградацијата во налет, уништувањето на Скопје не успеа да се спречи. Тоа се направи тајно и недемократски , без никаква транспарентност, без јавност, без никаква политичка најава, ниту пак во вид на било каква партиска понуда.

Да не ги заборавиме Плоштад слобода, Првата архи бригада, Распеани Скопјани, Јадро, Ленка и низа други организации, коишто со сиот свој  ентузијазам, достојно се бореа и се спротиставуваа сиве овие години на овој партиски вилает. Затоа и ГО САКАМ ГТЦ е синтеза од овие граѓански иницијативи кои храбро се бореа, во време кога сите релевантни фактори исплашено премолчуваа. Тоа е борба за заштита на јавното, градското и историското, нешто што е дел од нас, од мене и од тебе , без никаков личен интерес, без каква било политичка амбиција.

Ова е последен крик за негов спас. Доколку и тоа не успее, ќе следи  присоединување и радикализација на сите овие движења до конечното ослободување на градот држава … Но, за тоа во некоја следна прилика. Сепак, од општината Центар започна целата ова лакрдија, таму и ќе заврши. Сакал ли во тоа вождот корумпиран да верува  или не…

МЕСТО ЗА УРБАН СОЖИВОТ

Впрочем, битен е ГТЦ. Уште побитен е и со својот контекст во кој тој се вклопува. Да не заборавиме дека тој е вметнат во дотогаш постоечкото градско ткиво. Поставен е без да биде во конфликт со никого. Денес го гледаме како целина мислејќи дека станбените згради што се впишани во него претставуваат единствена компактна градба. Во тоа се состои и неговото совршенство. Тој е толку значаен што и неговото постоење излегува од контекстот на неговиот замислен габарит.

ГТЦ е суштински дополнет со целокупното негово опкружување. Тој е уигран со зградата на ЕВН, како противтежа на нејзината висина. Пластично е наметнат без никаков визуелен конфликт, а современо и се надополнуваат – како формално , така и содржински. ЕВН, постарото чедо, доминира по вертикала, транспарентно застаклен со совршена технологија за тоа време. ГТЦ е хоризонтален и отворен. Филмски елемент претставува и режирањето на сообраќајната артерија која поминува  под него и заедно со долниот паркинг и врвулица од постоечкиот сообраќај, создава урбанитет оригинален на светско ниво. Во него се внесува и јавниот превоз, како пример на висока социјална вредност.

Влезот од страната на Плоштадот е надополнет со Сити галери која преку нејзиното закривување претставува насока која од ГТЦ  прави една целина.

Ретко каде да успеал толкав урбан соживот меѓу постоечките структури. Па дури и кога се наметнува Лумикс, на кој не му е местото во таа потребна празнина, успева да коегзистира, иако како сопка му го задушува зададениот  простор.

Влезот од страната на Работничкиот дом е многу романтичен.  Дополнет  од околниот урбан метеж, Работничкиот дом карши и хотелот од десно, испреплетуваат еден возвишен склоп, каде преку скалилата го истакнуваат нашето домашно социјализирање.

УМЕТНИЧКО РЕМЕК-ДЕЛО

Делот од страната на Вардар го надоврзува профилот од строгите станбени згради и создава можеби едно од најшармантните места за дневен и ноќен соживот, рекреација, градско изобилие.

ГТЦ е во перфектна корелација и со Собранието преку празниот парк. Се создава еден архитектонски, динамичен пресек полн со интензивна содржина. Од овој дел (заради просторната перцепција) доаѓаат до израз металната структура обоена во сино и кровните цилиндри, графички исцртани со спирали, кои движејќи се со возило задаваат вител на кровната плоча. Овие елементи му ја зголемуваат динамичноста и топлината, па дури и кога статички се посматра. Токму на оваа страна, каде јавниот простор преминува во сиже, се надополнуваат двете велосипедски рампи чии симетрични силуети ја исцртуваат буквата Ж (Z).Тие впрочем претставуваат и своевидни иницијали (потпис) на авторот, архитектот Живко Поповски кој во отсуство на фасади, задава еден вид рамка на ова свое уметничко ремек-дело.

Референдумот се поклопува со еден значаен период. Политичките проблеми се избиструваат и острат. Јавниот простор се повеќе добива на значење и триење. Студентите први го искусија тоа. Следуваат јавните собири пред МТВ, хонорарците, средношколците  и сите останати здруженија кои почнаа да се збиваат се повеќе… Повеќе множества на делување секојдневно ја збогатуваат граѓанската иницијатива, а со тоа и крупнењето на теренот.

Се некако имам осет дека токму ГТЦ ќе биде јазолот кој ќе ги обедини сите наши стремежи и ќе не насочи кон неговиот конечен спас и уривање на оваа владеачка гнасотија.Тој ќе биде бастионот на ослободувањето , која како разлеано масло ќе се прошири и низ останатите градови од каде ќе се ресетира државата.

Драги сограѓани, со нашиот глас ќе ја потврдиме позицијата од која нема повеќе враќање.

Да живее ГТЦ!!!

Поврзани новости