На 18 Општини низ Македонија им се блокирани сметките поради неподмирени долгови по повеќе основи. Меѓу овие општини се Охрид, Струга, Куманово, Ресен, Делчево и Тетово. Општините не можат да ги вршат потребните финансиски трансакции, но проблемот може и да се одрази на локалните избори затоа што Општинските изборни комисии се финансираат од буџетот на локалната самоуправа.
Од Министерството за финансии велат дека листата на Општини постојано варира.
-На 1 септември 2017 година со блокирани сметки се 18 општини: Зрновци, Пласница, Ресен, Делчево, Охрид, Струга, Пехчево, Куманово, Градско, Брвеница, Тетово, Ранковце, Сопиште, Боговиње, Берово, Карбинци, Старо Нагоричане и Чашка. Дополнително за две општини, Липково и Неготино, доставени се налози за извршување (блокади) кои се одложени за месец дена. Би сакале да посочиме дека состојбата со блокираните сметки на општините е менлива категорија, што практично значи дека на дневна основа состојбата може да се промени – велат од таму.
Проблем претставува организирањето на локалните избори што ќе се одржат за петнаесет дена. Општинските избори комисии се финансираат со буџетот на локалната самоуправа. Во случај кога е сметката блокирана, се бара од Владата да ги обезбеди потребните средства, велат од Државната изборна комисија.
-Испратено е барање до Министерството за финансии на кои Општини им се блокирани сметките. Ни треба информација во овој случај затоа што според Законот трошоците за избори се покриваат од централниот буџет кога општината не може да ги финансира изборите – велат од ДИК.
Касата на овие 18 Општини останува затворена се додека не го намират долгот.
М.В.