Текстов е објавен на 18 февруари 2011-та во неделникот „Фокус“ број 816
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
Има нешто парадоксално во тенденциите на нашата политичка сцена. Колку повеќе партии се множат, толку помалку се толерира инаквото мислење; колку повеќе портпароли се вработуваат, толку помалку можете да дојдете до одговор на некоја новинарска љубопитност. Во сличен дух, и што повеќе деманти се штанцаат од извесна моќна адреса, но и колку повеќе се мафта со тужби за клевета од осилените моќници, толку повеќе се подгреваат сомнежите. Тоа е така, особено кога со таканаречениот демант, всушност не се оспоруваат бројките, туку само се фрлаат клетви и анатеми по оној што изразил сомнеж. Да, за сомнежот за корупција се работи!
Изминативе неколку недели, според описот и пописот на соопштенијата што се штанцаат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, особено со нивната содржина и стилскиот пристап, може сосема солидно да го стокмите портретот на пропагандната спин-машинерија на Груевски. Се добива уметнички впечаток дека ќе да е паднала команда: „Распаљуј“ по ТВ А1!
На оваа работна задача не заостанува ниту владиниот Сектор за односи со јавност (во натамошниот текст – Сектор 1). Притоа, тешко е да се одгатне дали Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ (во натамошниот текст -Сектор 2) е логистика на владиниот Сектор за односи со јавноста или обратно- оној владиниот е во функција на партискиот, со тоа што го плаќаме сите граѓани?
Во секој случај, од ваквата „распаљотка“ ме испровоцираа две пораки од портокаловиот табор. Прво, дека Преродбата строго забранува да се искажува сомнеж во нивните трошаџиски манири со народните пари; второ, на начинот на кој тие ја замислуваат комуникацијата, па имаат и цел Центар за оваа намена, може да им позавидат и АГИТ-ПРОП службите на некогашните комунистички диктатори!
БЕЗГРЕШНИ, АМА БЕЗМИЛОСНИ
Имено, само последните неколку недели, од Сектор 2 се лиферувани десетина соопштенија инспирирани од прилозите на телевизијата А1. Ниту една реакција на прилози на друга ТВ или весник?! Зарем сите останати ги задоволуваат портокаловите стандарди за професионално новинарство? Или, можеби, нели, мисијата е да се сотре телевизијата на Рамковски со катадневни објави за „непрофесионалност, неетичност, необјективност, тенденциозност“. И морам да признам, читајќи што се срочил колективниот ум на Секторот 2, буквално се наежив од еден детал во една од таквите преписки со А1. „Кога станува збор за угледот , честа и кредибилитетот на ВМРО–ДПМНЕ, кој сме го граделе макотрпно, нема да имаме милост“ ќе срочат безмилосните, давајќи и на партијата боговски димензии на безгрешност. Безгрешни ама безмилосни!?
И пред да се расприкажам, да пријавам дека ќе имам на ум сето време дека „нема да имаат милост“. Ама, прости ми Боже, тешки думи ми се мотаат низ глава! Кои беа ефектите од кампањата „Ти си Македонија“ за потоа да се оди на нов тендер, замислете, потоа срочен како „Македонија пред сѐ“?! Какви емоции предизвикува првата наспроти втората?! Или, дали после инцидентите на Калето може да се каже дека кампањата „Зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето“ не дала ефекти? Сепак, морам да признам дека барем спотовите со владините пораки „Ослободи го срцето“ имаа позитивна реакција кај мене лично. Дадоа голем придонес да си го ослободам срцето. Оти на срце ми тежи дека има многу сериозни сомнежи за коруптивни елементи во ваквата максимално експлоатирана владина „играчка“.
Се трошат баснословни суми за разни кампањи, често пати да се чудиш и чуму се смислени што дури ги доживував како навреда, оти власта се мајтапи со нас барајќи уште сериозно да ја сфатиме колку се тие важни. За оној кој фрла десетици милиони евра народни пари за пропагандни „измишљотки“ има десетици милиони причини да се сомневаш во целите и намерите на „авторите“! Ете, го ослободив срцето, а според Секторите ова сигурно е тешка клевета оти е опасно во Македонија да искажеш сомнеж за трошењето на буџетските пари. А, нели тие немаат милост.
Но, да се задржам на преписката на секторите на Груевски со телевизијата на Рамковски.
Ептен „преродбенички“ ми делува нивната преокупација да ги „масакрираат“ и соговорниците во прилозите. На пример, според вмровски аршин „лице кое извршувало министерска функција во влада предводена од Бранко Црвенковски, не било коректно да биде претставувано како независен експерт“. Уф!!! Се надевам ќе покажат троа милост ако прашам: А дали за лица кои биле во влада на Георгиевски и Груевски важат истите узанси?
Дали Владо Поповски, некогаш министер во тимот на Бранко, може да се смета за експерт во одредена област? Дали Ристо Никовски и Димитар Мирчев, кои биле испратени за амбасадори на РМ од страна на Бранко, се независни?! И уште, дали актуелните настапи на Слободан Чашуле, екс-министер од Демократска алтернатива, се третираат како експертски?!
Туку, чим ставовите се во духот на „100-те чекори“ мора да се исправни, ем научно докажани!
Интересно е дека секторите изгледа имаат фино диференцирана надлежност. Од последниот серијал прилози на А1 за владините кампањи, првично нападна Секторот 1, а веќе третиот ден од обработката на темата, се вклучи Сектор 2 во „полемиката“.
Разбирливо, оти Бичиклиски и Илија Димовски го имаат ресорот за вивисекција на ликовите кои даваат „неиздржани и неточни изјави“. А такви изјави кој може да даде? Без дилеми, само оние кои се под влијание на Црвенковски. Беше искористена изјавата на првиот човек на Советот за радиодифузија, Зоран Стефановски, патем дадена во интервју за радио Слободна Европа, при што искажа сомнеж дека според начинот на кој се селектираат медиумите во кои одат народните пари под плаштот владини кампањи, следува коментарот дека е можна корупција на медиумите.
Арно ама, Сектор 2 не спие, експресно реагира. И, што соопштија? Дека Стефаноски бил избран во времето на Црвенковски, а дека неговата сопруга е советник на СДСМ во Прилеп. И тој затоа ти бил „партиски слуга“ а не независен експерт. Е, убо… Ако ваквата логика е универзална вредност, тогаш, бидејќи Бахчовановски како функционер на ДПМНЕ директоруваше со разни јавни претпријатија, а неговата сопруга е избрана за судија во време на ДПМНЕ, значи ли тоа дека таа априори не може да биде независен судија? Ако Стефановски губи на стручност заради партискиот ангажман на жена му, тогаш би требало да „испашта“ и судијката Бахчовановска заради партиските активности на мажот ѝ. Може уште многу вакви егземплари да срочиме, но, битна е филозофијата врз која се вреднуваат изјавите. Или можеби, таа шема важи само за сдмовци?!
СОМНЕЖОТ ВЕ ПРАВИ СОМНИТЕЛЕН
Има уште слични „деманти“. Реакција имаше и на прилогот на А1 – „Кој е архитект на тензиите“? Повод беа сцените од Калето, кога функционери на ДУИ беа на уривањето на црквата-музеј, и нивна споредба со протестите на плоштадот против изградба на црква.
Сите лица што дале изјави, Цаца Николовска, Роберто Беличанец и Дамјан Здравев беа „осудени“ како „професионални критикувачи на владата кои по сѐ изгледа дека имаат скриена политичка агенда во функција на остварување на целите на Црвенковски“. И Слаѓана Тасева од Секторот 2 ја посочија како особа „која себе си се претставува како невладин експерт влегува во политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ“. И таа се ставила „на располагање и целосна услуга на СДСМ“! И нејзе ѝ го поништија правото да се декларира за експерт, бидејќи, внимавајте: „Нејзината цел е да се покаже како критизер на власта, но, лиферувајќи полувистини, лаги и шпекулации. На тој начин Тасева внесува забуна и се умилкува на Бранко“!
Е сега ептен сум љубопитна како Секторот 2, кој во едно од овие писанија ќе поентира со адутот дека додека Тасева била на чело на Транспарентност Македонија „релевантната Транспаренси интернешенл ја одзема меѓународната лиценца на оваа организација“ како сега ќе го коментира податокот дека токму неделава, Транспарентност на Тасева станува повторно членка на „релевантната Транспаренси интернешенел“!
И, да скратам ем да сумирам, секој што ќе искаже критички став кон владата, плус на А1, е веднаш прогласен како почесен слуга на Црвенковски или негов платеник. Неговите ставови априори се тогаш неекспертски, тенденциозни и опасни по државата. За разлика, демек, од прилозите на А1 кои биле преполни со неточни податоци, невистини, манипулации, навреди, а во последно време и клевети, за себе ќе се разнежнат дека „само на културно ниво на комуникација претставуваме единствено факти и аргументи“. И потоа на културно ниво, нели, ќе сторат збор-два за „кодошот Љубе“ или „за збирштината во Транспарентност“ или за лидерот на тутунарите за кого од медиумите дознале дека „бил осуден и лежел во затвор за тешко кривично дело полов напад-силување“. Ете, не се сите медиуми тенденциозни и непрофесионални како А1. Некои знаат да откријат за што е осуден Кире, а Сектор 2 тоа да го прифати без приговор!
Сепак, најмногу инструкции како да се биде новинар по мерка и вкус на Груевци, покажува Демантот од Секторот 1, нормално против прилогот на А1 за владините кампањи. Ќе соопштат: „Ги демантираме наводите и изјавите со кои се истакнува СОМНЕЖ (н.з.) за постоење на наводни прикриени нешта и се алудира на постоење наводно коруптивно однесување во рамките на работата на Владата“.
Сѐ било согласно законите, дури и внимавајте: Најтранспарентно, па било „неетички, непрофесионално и неприфатливо да се изразуваат определени неосновани сомнежи во врска со кампањите“. Забелешката тука им била заради „селективно презентирање на јавно достапни информации“. Е, па, за да не бидат селективно презентирани информациите, зошто не ги соопштат сите детали на купче, кои „тенденциозните“ новинари упорно им ги бараат?!
И, следува апелот од агитпропот, со блааааго предупредување: „Ги повикуваме сите субјекти, пред да даваат неиздржани и неточни изјави, со кои се врши клевета и навреда, добро да ги проучат сите факти кои се од значење за информациите кои се пласираат во јавноста“ – ќе „замолат“ од Сектор 1. После оваа богоугодна препорака, ги молам сите субјекти воопшто да не изразуваат сомнеж кон владините кампањи, посебно на телевизијата на „милионерот Рамковски“ – како што го ословуваа пред апсот, оти сите такви изјави се по вмровска дефиниција – клевета и навреда!
ОМИЛЕНАТА ВЛАДИНА „РЕПУБЛИКА“
А, како да ги проучат „сите субјекти“ фактите кога до сега во овие 5 години Секторот ни ги ускратува фактите – колку пари се одлеани на владини кампањи; која маркетинг агенција колку пати и по колкава сума има добиено, по кои критериуми се прават медија плановите и зошто квалитетот се повеќе се бодира наспроти цената? Е овие факти нека ни ги приопшти Секторот 1 со логистичка поткрепа, нормално, на Секторот 2, и тогаш можеби „сите субјекти“ ќе даваат издржани изјави. Но, што правиме ако таквите податоци повторно раѓаат сомнеж. Е тогаш дефинитивно мора да сте платеник на СДСМ, дури и ако не сте свесен за тоа!
Значи, која е последната тешка клевета, тенденциозност, непрофесионалност и сѐ останато од А1? Серијалот што започна со прилогот на новинарот Мишко Иванов со наслов: „Милионски суми државни пари се одлеваат кон омилената рекламна агенција Република“. Тогаш разбравме дека за само еден месец од 2011-та, биле склучени два договори во вредност од 542.000 евра народни пари со оваа агенција. Дополнително разбравме дека истата маркетинг агенција за изработка на кампањи лани има добиено пари за изработка на кампањи и од Владата, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за странски инвестиции, Министерството за внатрешни работи..!
Во серијалот прилози на истата тема се изнесоа неколку поенти, дека и за антикорупционерите е симптоматично што кај овие набавки се провлекуваат неколку фирми, дека како критериум за избор доминира квалитетот, наспроти цената. Понатаму, дека критика за енормното трошење буџетски пари за реклами упатил и државниот ревизор, без да има прецизно и детално објаснување – како се потрошени парите. Податокот дека во 2008-та, Ревизорот утврдил дека владата потрошила околу 10 милиони евра за рекламирање е навистина тема за дилема!
Понатаму, Република беше спомената уште за еден случај. Имено, дека ревизорот во 2008 имал сериозна забелешка и за Секретаријатот за европски прашања. За осмислување и реализација на кампањата „Европски во Европската Унија“, ревизијата утврди дека секретаријатот имал склучено договор со ,Република, во вредност од речиси 390 илјади евра. Договорот не бил реализиран во целост, а Ревизијата не се уверила дека исплатените средства во висина од околу 261 илјада евра, од кои 85 отсто се наменети за изработка на ТВ спотови, медија план и закуп на медиумски простор, соодветствуваат на извршената услуга!
После секој прилог, следуваше реакција од Сектор 1, а еднаш и од Сектор 2. Поентата им беше дека сите тендери биле законски, наводите во прилозите биле неточни и крајно тенденциозни „што било пракса на А1 телевизија веќе подолг период“. Ќе наведат и дека покрај „наведената маркетинг агенција“ биле склучени договори и со маркетинг агенциите Маркет Визион и Аквариус Дизајн. Патем, во прилогот и не беше речено дека е само Република, туку дека таа е најомилената за владините дилови. Потоа ќе набројат уште 6 маркетинг агенции со кои оваа власт соработувала, преку тендери!
УДАР ВРЗ СИСТЕМОТ!
По реакцијата, веќе следниот ден Секторот 1 ќе истрча со Демант. Иако, ѓоа демантов го препрочитав неколку пати, не разбрав што демантираат. Важно лупате дека А1 работи неточно, непрофесионално, а наводите во прилогот биле „класична дезинформација и тешка клевета“. Еееј, тешка клевета?!
Дали не е точно дека имало ревизорски забелешки? Дали не се точни сумите? Колкави пари се слеани кон Република, на пример, во последниве 5 години? Зошто за вакви тендери е толку битен квалитетот наспроти цената?! Но, Секторот 1 не ги појаснува овие дилеми и мистерии. Е, ќе ни отворат очи дека кампањите имале едукативен карактер, па ќе им спуштат на А1 дека „и нивната телевизија била еден од медиумите преку кои се спроведувале владините кампањи“. Туф, барем да кажеа колку пари до сега легнале на А1 за ваква намена!
Всушност, токму преку однесувањето на А1 најдобро се гледаат ефектите од милионските суми што Груевци ги слеаја низ медиумите. Додека Рамковски беше во дружба со Груевски – имаше прилив, а темата неговите медиуми ја игнорираа и бојкотираа. Откако пукна тиквата, рекламите секнаа, иако телевизијата е број 1 по гледаност и влијателност. Денес пак веќе кампањите станаа и нивен предизвик. Но, тоа ништо не менува во неспорниот факт, во абецедата на демократијата, дека трошењето на народните пари е најлегитимен интерес на секоја демократска и мислечка јавност!
Од друга страна, немам разбирање ниту оправдување, зошто телевизијата не ги емитува, и тоа во целост, сите деманти и „деманти“ реакции и рецензии на Сектор 1 и Сектор 2. Тоа не оди во прилог на нивната професионалност, а мене лично тие ми беа повеќе инспиративни, на моменти и застрашувачки. Од друга страна, во конкретниот случај, А1 ќе побара, но нема да добие одговор од владата на прашањето: Зошто ,Република, е маркетинг агенцијата која најчесто ги добива тендерите за да ги прави кампањите, за кои се трошат огромни суми буџетски пари? Мишко Иванов ми дообјасни дека уште пред да стартува со серијалот, разговарал со владиниот портпарол, Мартин Мартиновски. Сепак, следниот ден не му одговарал ниту на повиците, ниту на смс-пораките. Ама затоа секторите распалија. Овој стил пак на Секторите е испробана формула за мафтосување на новинари!
Да потсетам дека пред две години, ТВ Алфа истражуваше дека еден спот за Александар Македонски, што го проценија дека чинел околу 50.000 евра, а бил емитуван само два дена. Од владата најпрвин им демантираа дека е тоа владин спот. Потоа, откако овие го пронајдоа на своја рака, а таму убаво си стои „Влада на Република Македонија“, конечно добиле признание дека спотот е владин, но дека не е повлечен, туку било планирано да се емитува само неколку дена во финишот на кампањата „Ти си Македонија“. Па, од толку кампањи не можат луѓето да знаат што сѐ е под брендот „Влада на РМ“!
Инаку, и новинарот на Алфа ТВ не доби тогаш одговор, колку чинело снимањето на спотот. Сепак, согласно законот, нели, се обратил и до генералниот секретаријат на Владата за цената. Од таму му побарале на писмено да ја срочат. Го сториле тоа и останаа да чекаат на одговорот, и да чекаат…!
Дека ваквиот стил на комуникација е ептен легнат на Секторот 1, ќе наведам уште еден случај. Кога пред некоја година Утрински весник напиша дека „Владата за кампањи троши 15 милиони евра“, следуваше реакција од владиниот сектор за односи со јавноста. Веќе претпоставувате, не наведоа која е сумата, ама не просветлија дека „воопшто не кореспондираат со тенденциозните и лажни астрономски суми изнесени во текстот“. А наведените 15-милиони ги отфрлија „како груб обид за манипулација со јавноста“. Уште повеќе, и како „удар врз институциите на системот“. Брррррр!!!
ШЕМАТА ЈА РАЗРАБОТИ МИЛЕ ВОДОВОД?!
И, кога веќе се во дискусија агенциите Република и Маркет Визион, скромно да наведеме дека Фокус одамна пишуваше дека во периодот од август 2007 до јуни 2008, за маркетинг и ПР потребите на ФЗОМ била ангажирана токму агенцијата Маркет Визион. За таа намена, ФЗОМ се олеснил за околу 122 илјади евра. Понатаму, „тенденциозно“ забележавме што во кампањите како што беше „Македонија пред сѐ“- квалитетот носи 65 поени, а цената само 35. Потсетувавме дека, иако на почетокот Груевски најави дека за тендерите на неговата влада ќе биде пресудна цената, која ќе носи 80, а понекогаш и 100 поени, како минуваше времето, така бодовите за цената опаѓаа. Ама затоа цената беше одлучувачки фактор баш на тендерот за лековите. Молам за милост, но, морам да си го ослободам срцето: Дали се побитни доказите за квалитет на лековите или квалитетните маркетинг кампањи? И кој има метро за мерење на квалитетот на спотовите? Сакам да кажам дека тоа е толку релативно, па остава простор за сомнеж, кој оваа влада сака да ни го сотре во корен!
Но, дека Република е нешто многу поважно за Преродбата, разбравме и според пратеничките прашања уште од 2007. Од начинот на кој беше одмолчано прашањето, сфативме дека најверојатно токму Република ја работела изборната кампања на ДПМНЕ во 2006 година. Дека тоа е агенцијата која ја „промовира“ Миле Јанакиевски како директор на Водовод, за 18 милиони денари. Патем, и Кирил Тодоровски во интервју за Фокус тврдеше дека Јанакиевски потрошил огромни суми за рекламирање уште како директор на Водовод и канализација, па и дека од него како градоначалник на Аеродром барал „да потпишам договор за таа и таа фирма за рекламирање за огромни пари“!
После сето ова, оправдан е сомнежот дека кога астрономски суми во кризни времиња се фрлаат за некакви измислени кампањи, чиј ефект тешко дека некој може да го прецизира, кога квалитетот станува пресуден наспроти цената, кога вкупните суми се тајат, нормално е мислечката јавност да е на поинаква бранова должина од „агит-проп“ центарот на преродбата, и нивните „Застава филм приказује“ ТВ центри!
Ефектите од ваквата „направија“ за власта се двојни – обично се влечат пари за партијата, ем се купува љубовта на медиумите. Најдобра илустрација е скандалот со агенцијата Фими медија во Хрватска. Беа уапсени повеќе функционери, а истрагата чешлаше 22 државни институции- министерства и јавни претпријатија. Сите тие, наводно по препорака на партискиот врв на ХДЗ, со Санадер, морале да даваат големи суми пари за промоција преку Фими медија. Од првиот новинарски текст кој искажува сомнеж што прескапата понуда на Фими медија за изработка на 20.000 календари и 8.000 нотеси победила на тендерот на Хрватски шуми, ќе поминат 18 месеци додека УСКОК започне да работи на случајот. Се разбира, претходно требаше да замине Санадер, за да стартува истрагата.
Потоа се оди полесно. Со оглед дека државните претпријатија последните години го презеле добар дел од огласувачкиот простор во Хрватска, експертите тоа го коментираа како „рекетирање на медиумите од страна на државниот апарат“. Сомнеж дека тие огласи биле продавани во пакет преку Фими медија, со закана за повлекување на рекламите, се толкуваше како притисок врз уредувачката политика на одредени медиуми. Се откри и уште една непознаница од формулата – на тендерите се јавувале и однапред договорени статисти со поскапи понуди од Фими медија, за потоа, нормално, да биде избрана дотичната!
Во секој случај, дали и оваа десничарска влада во сличен дух ги зграпчи кампањите и дали и овде ќе се случи „Фими медија“ нема да може да се расветли се додека во коцките крај Вардар седи оваа гарнитура. Додека не дојде до промени, нам ни останува да бидеме „тендензиозни“ непрофесионални, неетички, и да се сомневаме во овој „специјалитет“ на портокаловата дружина. Тогаш, пак, ќе молиме новата власт да има МИЛОСТ во третирање на случајот!
ШТО ОБЈАВИ ТВ А1?
Од 2008-та до 2010-та година, за само три години, според официјалните податоци, преземени од електронскиот систем за јавни набавки, владата склучила договори за кампања во вредност од 6,1 милион евра, само со три маркетинг агенции: Република, Ин Маркетинг, Маркет визион!
РЕПУБЛИКА
Во периодот 2008-2010, Република добила повеќе од три милиони евра за владините кампањи. Само во 2010-та, речиси еден и пол милион евра, а и оваа 2011 веќе има два договори тешки 542.000 евра.
Влада на РМ – 513 илјади евра за да ги информира граѓаните како да ги легализираат дивоградбите.
МЕПСО – 29 илјади евра – да изгради јавно препознатлив позитивен имиџ.
ЕЛЕМ – 578 илјади евра, за подигнување на свеста на граѓаните за значењето на ЕЛЕМ.
Министерство за финансии – над 307 илјади евра, за кампања за „Откуп на градежно земјиште по цена од едно евро“.
Влада на РМ – 190 илјади евра за изработка на два спота за промоција на Македонија.
МАРКЕТ ВИЗИОН
Владата со агенцијата Маркет визион во 2008-та и 2009-та склучила договор за четири кампањи, во вредност од 1,2 милиони евра.
„Борба против пушењето“ – повеќе од 460 илјади евра;
„Поттикнување на граѓаните да читаат книга“ повеќе од половина милион евра.
„Истражи ја Македонија“ повеќе од 180 илјади евра,
„Зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето“ од 101 илјада евра.
ИН МАРКЕТИНГ
Маркетинг агенција Ин Маркетинг во 2008-2009 за четири кампањи склучила договор со владата во вредност од 1 милион и 790 илјади евра
„Јавна чистота и отпад“ – половина милион евра,
„Етика и етичко однесување“ за 400 илјади евра,
„Оптимизам и почитување на добрите вредности“, повеќе од половина милион евра,
„Зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето“ 275 илјади евра.