Работата на Специјалното јавно обвинителство претставува политичка пресметка, оцени поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервјуто за српскиот весник „Политика“.
– Ме обвинуваат дури и дека би ја напуштил државата. СЈО треба да биде независно, а сега настапува како златна рипка и ги исполнува желбите на Зоран Заев. Токму негова единствена и најсилна желба е мене да ме нема како противник. Знаат граѓаните кој работел често и искрено, а кој крадел и манипулирал. Навистина е непријатно кога ќе чуете дека едно лице, аболирано за криминал тежок осум милиони евра, јавно говори за следните чекори на обвинителството, изјавил Груевски.
Тој во интервјуто вели и дека СЈО имало шанса да остави белег и да ги расчисти конструираните афери, но го избрало полесниот пат, да тргне во правец на Заев и да си го извалка образот со тоа што ќе го напушти правото и ќе се вмеша во политика.