Откако ги наброја сите проекти на ВМРО-ДПМНЕ во последните десет години, а најави и нови странски инвестиции, лидерот Никола Груевски останатиот дел од говорот на денешниот собир го посвети на опозицијата.
Груевски обвини дека СДСМ биле тие што ги узурпираат медиумите во Македонија, потенцирајќи ја новата уредничка на МРТВ и ад хок телото за следење на медиуми.. Претседателот на партијата се задржа и на Специјалното јавно обвинителство, за кое уште еднаш обвини дека работи по инструкции на СДСМ.
На крајот, Груевски во еуфорична атмосфера најави сигурна победа на изборите и побара 63 пратеници од своите приврзаници.
-Опозицијата слушам дека се надевала дека иако изгуби ќе формирала влада со останатите партии. Каков лузерски пристап е тоа. Затоа нивниот лидер ветува се и сешто и води политика „дај шта даш”. Најавува комплетно редифинирање на македонската држава. Човекот ветува нова држава, некоја нова Македонија. Вие добро знаете кој одговор треба да го добие. Се говори за некои широки коалиции, но јас верувам дека нашата победа ќе биде голема и нема да можат ни да помислат на тоа. Опозицијата си прави филмови дека туку така ќе помине после се што направи во државата, но народот ќе му одговори на изборите. Да живее Македонија – порача Груевски.