Премиерот Никола Груевски на прес конференција раскажа како имал неколку средби со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и како бил под уцени. Тоа било причина да стартува истрага која е извесно дека ќе заврши со обвинителен акт. Груевски посочи дека Заев ќе одговара за шпионажа и насилство.
„Првата средба беше на негово барање, а следните неколку беа поврзани со првичната тема. Побара од мене итно формирање техничка влада. Ме извести дека преку странска разузнавачка служба добиле снимени телефонски разговори, со претседателот Иванов, членови на владата, политички и јавни лица од власта и опозицијата, како и медиумите. Го прашав дали е сигурен дека е навистина странска служба? Тој ми потврди. Потоа ми пренесе неколку телефонски разговори. Дел беа точни, дел половично точни и дел погрешни. Сепак, со оглед дека некои беа точни тоа даде сериозност на ситуацијата. Уште повеќе кога Заев почна јавно да зборува дека ќе објавел нешто. Го гледав и слушав како седи пред мене и со каква гордост и возвишеност ме информира дека соработувајќи со странска служба стигнал до материјалите“- тврдеше Груевски.
Сценариото на Заев, Груевски го оцени како обид да се стави целата држава во заложништво.
„Не можев да поверувам дека човекот што е лидер на опозицијата не крие дека соработувал со странски служби. За сето ова што го говорам постојат цврсти и непобитни докази. Многумина ќе речат дека не сме требале ова да го правиме. Но, има некои работи кои ниту еден политичар не може и не смее да ги игнорира. Таква работа е интересот на државата. Запрашајте се што би направил некој да е на мое место? Во историјата на Македонија ниту еден политичар ова не го направил. Затоа им порачувам дека вакви местенки, уцени и закани не поминуваат.“- рече Груевски.
На пресот Груевски зборуваше кратко, после неговото излагање не без дозволени новинарски прашања. Какви и кои докази има тој против Заев не соопшти, но изрази подготвеност пред судот да објави се што има, со што практично најави дека ќе има процес, иако досието е во истрага во јавното обвинтиелство. Ги повика граѓаните да го следат процесот за да видат како вистината ќе излезела на виделина.