Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на митинг во Тетово обвини дека со распродажба на државните и национални интереси на Македонија СДСМ и Заев нема ќе се доберат до власт.
„Да престанат да веруваат дека премиер може да те намести некој од надвор, затоа што во секој држава во Европа, во секоја демократска држава се станува премиер ако народот те избере за премиер, а не да чекаш некој од надвор, или како што вика тој од горе, да те донесе за премиер. СДСМ ќе претрпи 10-ти по ред пораз, затоа што го потценуваат народот со лажни и нереални ветувања“, рече Груевски.
Според него, враќањето на 15% од ДДВ на граѓаните е нереален и лажен проект.
„За да се дојде до 500 евра треба секој да потроши месечно по најмалку 2000 евра, па кој во оваа држава троши по 2.000 евра месечно. Зошто си игра мајтап со нашиот народ, зошто го потценува. Во минатото повеќето од работи од стоки и услуги беа на 18 посто данок, ВМРО-ДПМНЕ ги донесе на 5 отсто. Заев ако искрено планираше тоа да го прави ќе го направеше тоа во Струмица, зошто во овој период кога е таму на власт 11,5 години не им вратил 15 посто од изворните приходи на граѓаните, за да му поверуваме дека ќе враќа 15% од износот кој граѓанинот го плаќа“, рече Груевски.