Груевски: Судиите за скршен жмигавец бараат вештачење, а не сакаат за „бомбите“

by fokus

Бегалецот Никола Груевски повторно се јави од Будимпешта преку социјалната мрежа „Фејсбук. Тој повторно го обвинува премиерот Зоран Заев дека „бомбите“ кои ги објавуваше биле кратени, а судот пак дека добил само третина од материјалот.

-Заев вчера јавно во изјава потврди дека не само снимката поврзана со Мартин Нешковски, туку повеќето снимки кои и ги пушташе на јавноста во 2015 – ги крател.

При тоа одбегна да одговори зошто кога ја крател, ја скратил и монтирал на таков начин да создаде перцепција дека навистина јас и Јанкуловска сме сакале да прикриеме убиство.

Одговорот е јасен: за да дојде на власт. Ама ќе беше многу ако и тоа го признаеше. Ако еден ден има судење за оваа измама како резултат на која во болница завршија 40 повредени полицајци, признанието и каењето ќе му биде земено како олеснителна околност.

Ако во јавноста деновиве не се појавеше долгата верзија на снимката од која се слуша дека воопшто не сме сакале да прикриваме убиство или сторител, ќе останеше впечатокот од скратената снимка, но и од контекстот кој на снимката и го даде Заев пред да ја пушти во 2015 година, дека сме договарале како да го прикриеме убиството и сторителот.

Како и да е, Заев на јавноста и на судиите и обвинителите денес јасно им даде до знаење дека сечел, лепел, крател и со такви работи се занимавал. Додатно кажа и дека тој поседувал и доставил до судот само една третина од снимките поврзани со случаите. Со тоа кажа дека има уште две третини од разговорите за сите случаи за кои се суди, кои ниту ги пуштил на јавноста ниту судот ги има на располагање па треба да носи пресуди на база на само една третина од разговорите, напиша Груевски.

Тој се чуди и како можел судот да не побара вештачење на „бомбите“, туку со врзани очи му веруваат на Заев.

-За најмала сообраќајна несреќа со скршен жмигавец и фар, судот нарачува вештачења за судијата да е сигурен дека носи исправна одлука. Ама за тоа дали се кратени и монтирани снимките од Заев со кои е планирано да осудат стотици луѓе главно негови политички противници, судиите одлучија да нема вештачење.

Зошто?

Па затоа што веројатно знаат и тие дека ако ангажираат надворешни експерти-вештаци за аудио матерјалите ќе се констатира нешто со кое потоа нема да можат да ги донесат планираните и нарачани пресуди.

Заев си призна и јавно си кажа. Ги остави судиите сами да мислат како да постапат. Неофицијалната нарачка од него до нив за осудителни пресуди врз основа на снимките не е повлечена, а јавно тој “се тргна настрана” признавајќи дека сечел, лепел и монтирал, а им доставил на судиите само по нешто од снимките.

Инаку, има уште најмалку три тешки законски прекршувања околу снимките заради кои судиите мораат да се ослободат од снимките како доказ за да не го кршат Законот.

Прво, овие снимки- т.н. докази, им се само копии, кое не е споредено со оргиналот.
Второ, нелегално се прибавени.
Трето, СДСМ ги има доставено до СЈО надвор од рокот предвиден во Законот за приватност.

Сега судиите се исправени пред дилемата: личниот кредибилитет и законско работење или нарачките на Заев спакувани со ред понуди за унапредување, вработувања на луѓе од семејството и слично и ред закани, напиша Груевски на фејсбук.

 

Поврзани новости