Премиерот Никола Груевски по завршувањето на средбата со американскиот потпретседател, Џо Бајден, изјави дека средбата била одлична и пријателска, а се разговарало и за, како што рече Груевски, добрите работи и за предизвиците.
-Од последното наше гледање до сега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците. Америка е наш партнер, ние имаме потпишано декларација за стратешко партнерство во 2008 година и во многу работи имаме сериозна поддршка од САД во овој изминат период, рече Груевски.
Како што изјави тој, на средбата се разговарало за повеќе теми, меѓу кои и Договорот од Пржино ,за реформите во повеќе сфери, за економијата и економската соработка, за безбедносните предизвици, но и за членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија.
-Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и ЕУ и нивната поддршка во тој правец ќе биде многу значајна за нас во иднина, рече Груевски.