Има јасна намера кај Германија, но и кај Европската комисија повеќе да влијаат и да се вклучат во олеснувањето на разрешување на различните проблеми со кои се соочуваат државите во регионот, изјавил македонскиот премиер Никола Груевски по Самитот Германија ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Берлин.
– Состанокот го оценувам како мошне добар. Имавме прво два часа средба ние шесте премиери од земјите од Југоисточна Европа со канцеларот на Германија Ангела Меркел на којшто јас во најмалку два навратa дискутирав и во политичкиот и во економскиот дел. Во политичкиот дел за Македонија главно беше спомнато за проблемот што ни го има отворено нашиот јужен сосед пред повеќе од 20 години. Практично тоа беше единственото што се спомна во делот на политиката и што беше нагласено, за што се разговараше и за што се потенцираше дека е добро да се реши колку што е можно побрзо бидејќи тоа е клучниот проблем зошто Македонија ги нема започнато преговорите за членство во Европската унија и тоа не е тајна- истакнал Груевски.
Мислам дека и овде во Берлин и во Брисел, рекол македонскиот премиер, веќе имаат јасно формирано слика дека стоењето во место во однос на решавање на ова прашање во моментот најмногу доаѓа од причина што нашиот јужен сосед не е подготвен да разговара за изнаоѓање решение заради други проблеми што тие ги наведуваат, но сепак прашањето стои.
– Проблемот стои, ние најмногу го чувствуваме и од тој аспект на состанокот беше изразена надеж дека ќе се работи повеќе во наредниот период и дека и другата страна ќе биде поактивна да се разреши ова прашање, посочил премиерот Груевски.
Вчера сите учесници на конференцијата за Западниот Балкан во Берлин потенцираа дека треба да се решат билатералните прашања најбрзо што е можно во интерес на добрите меѓусоседски релации и за зголемување на стабилноста во регионот.
„Премиерите на Србија и на Косово повторно се посветија да ги нормализираат релациите. Проблемот со името меѓу Македонија и Грција е еден од нерешените билатерални проблеми. Земјите кои учествуваа на конференцијата се согласија дека овој спор мора итно да се реши со тоа што и двете страни да бидат подготвени за компромис“, пишува во Декларацијата од Берлинскиот самит.
Покрај јасната порака дека проблемот со името мора итно да се реши, вчера во Берлин земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, се обврзаа дека ќе ја зајакнуваат демократијата со тоа што ќе се овозможи местото на опозицијата во парламентите, медиумите слободно ќе работат без да им се меша политиката и ќе му се даде шанса на цивиното општество да учествува во одлучувањето.
Договорот е секоја година до 2018 земјите повторно да се среќаваат за да се оцени напредокот на сите полиња, а идната година домаќин на конференцијата ќе биде Австрија.