Груевски раскажуваше како во Франција децата ги растурале од тестирања и обвинуваше за партиски пленуми

by Фокус

При денешното празнично обраќање, премиерот Никола Груевски се осврна и на реформите кои ВМРО-ДПМНЕ сака да ги воведе во образованието, а не се прифатени од јавноста. Според Груевски, кај дел од народот имало отпор кон знаењето и учењето и загрижувачки било формирањето, на како што рече тој, партиски пленуми.

-Загрижувачки е оној на дел од родителите, формирањето партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството. Огромен отпор за нешто што е во прв план во сите напредни земји во Европа и во светот, и веднаш поддршка од опозицијата преку нивниот пленум. Да го поставиме отворено прашањето: Зошто во безмалку цела Европа математиката е задолжителна на матурскиот испит, а во Македонија не смее да биде? , рече Груевски.

Премиерот раскажа и приказна за некој негов пријател кој завршил средно образование во Франција и таму децата „ги растурале“ од тестирања.

-Пред некој ден случајно разговарав со еден пријател кој средното училиште го има завршено во Франција. Вели, завршив основно во клас во Македонија во кој од 30 ученици, 25 бевме со сите петки. Кога отидов во средно училиште во Франција, не растурија од континуирано тестирање. Бев шокиран од континуираните тестирања. Потоа на факултет полагал и државен испит во Франција. Но, кога завршил, и почнал да оди на интервјуа за работа во познати мултинационални компании, тестирањата му биле рутина и лесно ги поминувал. А тука кај нас ми вели, се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето со цел да се врати времето на реално оценување, ја раскажа премиерот приказната.

Груевски рече дека знае дека екстерното тестирање не било совршено и можело да се подобрува. Според него, Владата во изминатите години работела на подобрување, а и сега работеле на уште подобрувања.

 

Поврзани новости