За време на војна и финансиска криза не дозволив економски колапс на земјава, не па сега кога 2.000 дебело платени луѓе замислуваат дека креваат револиција, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во последното продолжение на интервјуто за Телеграф.
-Една третина од оние што секој ден протестираат се платени од организаторите, главно НВО. И тие се најголем дел од агресивните. Тоа се луѓе кои не само што се платени туку и живеат од тоа плаќање. Останатите се партиски активисти од СДСМ кои доаѓаат по партиска задача на секој можен протест против нас. Има т.н. хејтери или мразачи, кои се на секој протест и го мразат секого што е на власт, бидејќи причините за своите лични неуспеси ги бараат кај власта, а не кај себе и во своите грешки и такви има во секое општество. Има и луѓе што наивно веруваат дека набрзо ќе дојде на власт СДСМ, па мислат да фатат некаков приклучок, да ги видат, заради остварување на некој нивен личен интерес. Има и неуспешни поранешни функционери кои во секој проект на Владата ја препознаваат својата неуспешност и безидејност, па вака си лекуваат лични фрустрации и се надеваат пак на функција ако победи СДСМ. Секако дел се реално незадоволни граѓани заради некои грешки и пропусти на власта – вели Груевски.