Речиси половина милион евра ќе чини новата кампања на Владата која треба да ги научи граѓаните да се хранат здраво. Кампањата ќе се емитува на телевизиите и радијата, ќе има реклами во весниците, по автобусите, а флаери ќе има дури и по влезовите и по лифтовите.
На веб страницата на Бирото за јавни набавки, преку три одделни огласи се распишуваат повици за „осмислување и реализација на кампања за подигање на свесноста на граѓаните во врска со значењето и потребата за консумирање здрава храна и избегнување храна со несоодветен квалитет по нивното здравје“.
За повеќе од 177 илјади евра, агенцијата за продукција и снимање филмови „Аквариус дизајн“ ќе треба да ги осмисли телевизиските и радио спотовите. Агенцијата „Маркет висион“ пак, ќе го изработува логото, ПР стратегијата, веб банерите и флаерите што ќе ги гледаме по автобусите, влезовите, лифтовите…
Најмногу пари и се доделени на агенцијата „Њу момент њу идеас компани“, околу 232 илјади евра, за подготвување и реализација на медиа план, закуп на медиумски простор и внатрешно и надворешно рекламирање.
Во јавноста веќе се вртат шпекулациите дека новата кампања е идеја токму на премиерот. Провладините медиуми во повеќе наврати објавуваат дека Груевски се храни здраво – пие само негазирана вода, сака да јаде здрава храна и се грижи за здрава исхрана.