Во недела во салата „Борис Трајковски“ ВМРО ДПМНЕ организира трибина за актуелната политичка ситуација. Се очекува трибината спонтано да прерасне во голем партиски собир на ВМРО ДПМНЕ. Организаторите потврдуваат дека главен говорник ќе биде премиерот Никола Груевски и затоа се очекува стотици граѓани да ја наполнат салата, но и паркингот околу со тие за кои ќе нема место внатре.
Неофицијални извори пренесуваат дека членството на терен се мобилизира, а се тврди дека пораки за учество на трибината се праќаат до административците, а некаде веќе се правеле и списоци. Идејата на ВМРО ДПМНЕ е преку собир на граѓани да испрати порака дека нема намера да ја напушти власта и да го прифати предлогот на СДСМ за оставка и организирање избори со преодна влада.
Настанот ќе го искористи токму Груевски за да ги повтори тезите дека Заев е државниот непријател и со неговите соработници со кои е обвинет, преку насилство се обидел да го руши уставниот поредок.
Откако лидерот на СДСМ започна со објавување на снимените материјали на кои се слушаат државните функционери како ја водат државата преку незаконски активности, неколкумина граѓани го формираа Здружението за одбрана на Македонија и одржуваат трибини низ Македонија на кои зборуваат колку е штетна политиката на Заев, како тој одработувал за странски служби, како државата е загрозена. Не се исклушува сега и владејачката партија да го следи нивниот пример и да организира собири и низ другите градови.
Досегашниот впечаток од нивното делување е дека тие имаат за цел да ги потенцираат погрешните тези околу јавните скандали и така да ја штитат владината политика која прислушувањето сака да го престави како монтиран процес, а при тоа да избегнува одговорноста за содржината на снимените разговори кои сериозно го доведуваат под прашање легитимитетот на власта за водење на државата.