Груевски, Пешевски и Јанакиески ќе седнат на обвинителна клупа, ќе им се суди за „Траекторија“

by fokus

Кривичниот суд позитивно ги оцени обвиненијата на СЈО за случаите „Траекторија“ и „Тарифа“, потврдуваат од Специјалното јавно обвинителство за „Фокус“. Ова значи дека на обвинителна клупа набрзо ќе седнат екс вицепремиерот Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески, директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, а со обвинителен предлог се гони и поранешниот премиер Никола Груевски.

Според обвинението, осомничени се гонат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Набрзо на обвинителна клупа ќе седнат и обвинетите во случајот „Тарифа“, за набавката на софтвер за ЕЛЕМ. Според обвинението на СЈО извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот договор за јавна набавка е 4.092.420 евра.

Од Кривичниот суд дополнително ќе ги соопштат датумите за рочиштата и судечките судии кои ќе им судат на поранешните функционери.

В.В.

Поврзани новости