Димовски му фрли ракавица на Пецo Грујовски

by fokus

Со прекинување на вонредниот конгрес на Сојузот на синдикати на Македонија, на кој требаше да се избере претседател од единстениот кандидат кој ги исполнуваше условите, му се дава можност во трката за синдикален лидер да влезе и кандидатот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски. В.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски, го прекина конгресот во саботата за да им се дозволи на другите кандидати да учествуваат во изборот. На овој начин, вели, му фрлил ракавица на Грујовски, довчерашниот соборец во битката за симнување на Живко Митревски.

Кандидатура на Грујовски беше отфрлена од Советот на ССМ затоа што не ги исполнувала условите, а во меѓу време третиот кандидат Ацо Антоновски, претседател на Македонскиот полициски кандидат сам се повлече од изборот.

Од Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги демантираат наводите во дел од медиумите дека конгресот бил прекинат на барање на дел од делегатите кои изразиле незадоволство од тоа што во трката за синдикален лидер имало само еден кандидат.

„Во насока на вистинито, целосно и точно информирање на јавноста и членовите на синдикатите здружени во ССМ би сакале да Ве информираме дека, на 11.11.2017 година, во Охрид, Вонредниот Конгрес на ССМ ја започна својата прва пленарна седница и по завршување на свечениот дел на кој присуствуваа гости од земјата и странство беа утврдени телата и комисиите за работа на Вонредниот Конгрес. На оваа пленарна седница, по предлог на в.д Претседателот на ССМ, м-р ДаркоДимовски, во насока на зачувување на единството на оваа организација, зајакнување на демократските процеси и градење на ССМ како независна, демократска и инклузивна организација, го повика Вонредниот Конгрес во делот на изборот на Претседател на ССМ, да ја одложи истата, со што ќе се даде можност и на другиот кандидат за претседател на ССМ да учествува при изборот за претседател на ССМ“, велат од таму.

Следната пленарна седница на Конгресот  треба да се одржи најдоцна за 30 дена. Од ССМ велат дека целта е на најдемократски и најтранспарентен начин да се избере претседател, со тоа што шанса ќе им се даде на предложените кандидати, кои не успеаа да ги исполнат критериумите за предлог за кандидат за Претседател на ССМ.

„Со ваквиот потег,  в.д Претседателот на ССМ, м-р Дарко Димовски, ја покажа својата доблест и искрен пристап за надминување на состојбите во ССМ и покрај тоа што на Вонредниот Конгрес како единствен кандидат можеше да биде избран за претседател на ССМ со присуство на 92 Делегати од вкупно 113.  Со ова се демантираат сите невистини изнесени во изминатиот период во врска со така наречената недемократска постапка за избор на Претседател на ССМ и се потврдува заложбата на ССМ за организирање на фер и демократски избори“, додаваат од таму.

 

Поврзани новости