Две недели апстиненција на екс премиерот по вториот круг од локалните избори: Нема ни трага, ни глас од Груевски

by Fokus
Од лидерот на опозицијата, Никола Груевски, нема ниту трага ниту глас повеќе од две недели од вториот круг на локалните избори што се одржаа на 29 октомври, годинава. Исто така, никакви статуси нема ни на неговата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук.

Ако во минатото се случуваше дневно да има по пет, а некогаш дури и повеќе објави, изненадувачки е тоа што тој последен пат се огласил на 29 октомври, во околу 22:30 часот, и оттогаш замреа неговите активности на социјалната мрежа. Последната порака која Груевски ја сподели со јавноста беше дека ВМРО ДПМНЕ не ги признава изборите и бара итно враќање на демократијата и достоинството во земјата.

,,Сакам да објавам, дека заради изборно насилство и силување на демократијата и силување на државата, заради констатирани, евидентирани и документирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор што се вршеше во овие пет недели, заради нечовечките закани, бруталните притисоци, масовниот поткуп, заради кривичните дела кои ги направија во изборите, и согласно одлуката на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори. Покрај тоа што не ги признаваме овие избори за фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ бара итно враќање на демократијата и достоинството во земјата’’ – порача тој кон крајот на минатиот месец.

Кога во минатото беше отсутен од медиумите и социјалните мрежи по неколку дена, народот веднаш ќе се посомневаше дека е на одмор. Со оглед на одземениот пасош на лидерот и неговата практика најчесто да одмора покрај море, во Турција, паѓа во вода можноста тој да одмора по катастрофалниот пораз на локалните избори.

Вчера повеќе медиуми ја пренесоа веста дека наводно Груевски донел одлука да си поднесе оставка од функцијата претседател на ВМРО ДПМНЕ, и се премислувал околу терминот за објавата. Од центарот за комуникации на неговата партија веднаш реагираа дека тој е претседател и останува на функцијата согласно доверениот мандат.

В.К.

 

Поврзани новости