Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во интервјуто за дневниот весник „Дневник” коментирајќи ја работата на Специјалното јавно обвинителство, уште еднаш недвосмислено порача дека нема да прифати продолжување на мандатот за истраги, ниту пак ќе ги прифати барањата за поголема заштита на сведоците, закон, за кој Катица Јанева рече дека е од исклучително значење за темелна истрага на случаиите произлезени од прислушуваните разговори.
Според Груевски, обвинителството работи под сугестија на некои амбасади и очигледно е дека некому надвор му треба СЈО за продолжување на кризата во Македонија и за држење во заложништво на една политичка партија во Македонија. Тој вели оти со пролонгирање на роковите за СЈО, ќе се пролонгира и кризата во земјата.
Затоа, Груевски вели дека нема да влезе во коалиција со ДУИ, по цена да ги прифати барањата за продолжување на мандатот на СЈО.
-Ако ДУИ не сака да коалицира со нас заради тоа што не прифаќаме продолжување на 18-те месеци на СЈО, и тоа го правиме со силни аргументи на кои никој нема одговор, тогаш би одговорил дека тие можат да постапуваат како што ќе одлучат. Јас на почетокот кажав, ние нема да правиме коалиција по секоја цена. Сепак, ДУИ знае дека биле ние во владата или во опозиција, барањето за СЈО нема да се реализира, бидејќи и договорот од јуни-јули 2015 година и Законот за СЈО предвидуваат дека за негова промена не е потребно само двотретинско мнозинство, туку и согласност на сите четири партии потписнички – вели Груевски.