Текстот е објавен на 17 декември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 807
Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ
Последниве години, на секои избори, скоро во секоја предизборна програма, кај сите политички партии стои поглавјето – реформи на државната администрација. На ова поглавје секогаш му се дава важен приоритет во предизборниот период, нималку случајно.
Политичките партии многу добро знаат дека со спомнувањето на ова прашање даваат надеж кај сите гласачи и дека оваа тема е непресушен извор за манипулација и за добивање нови гласови. Прво, граѓаните и бизнис заедницата, кои по цели денови дремат по шалтери, трпат тортура, омаловажувања, и недобивање на соодветните услуги, се надеваат дека конечно ова лудило ќе престане, дека најпосле ќе почнат да добиваат соодветен третман односно услуги за своите пари, со кои ја плаќаат администрацијата.
Второ, невработените и компетентните се надеваат дека конечно со реформите ќе се создадат фер критериуми преку кои би добиле шанса за чесно заработување на парче леб. Трето, вработените во државната администрација се надеваат дека ќе добијат унапредувања… чесните и вредните се надеваат на мерливост на сработеното, напредок согласно заслугите.
Но, едно е важно, сите се надеваат дека ќе биде подобро согласно нивните очекувања! Несомнено, убавата бајка наречена реформи на државната администрација е одличен мамец за добивање гласови. Затоа, политичкиот ќар е во што почесто актуелизирање на темата, но во никој случај зафаќање со решавање на проблемите, бидејки вистинските реформи би биле ризик за губење на сериозни политички поени, рејтинг, па и власт!
ГРУЕВСКИ ЈА ИСПУШТИ ШАНСАТА
Како земја која е кандидат членка за ЕУ, која официјално се стреми за исполнување на ЕУ критериумите, секоја година пополнуваме прашалници за направените реформи, за напредокот со реформите… Но, болното прашање со неефикасната државна администрација постојано се провлекува, а од година на година добиваме се пожешки шлаканици на оваа тема. Критиките за реформите во администрацијата станаа најгласни, најдиректни и најсериозни за времето на владеење на големиот реформатор Никола Груевски. Тој, како и во сите останати области поврзани со ЕУ агендата неуморно работи, реформира, трансформира, но никако да ги почувствуваме ефектите… според него, важно е дека тој неуморно работи, или создава слика дека работи!
Меѓутоа, има една народна поговорка која вели дека, ако се ценеше кој колку работи, а не кој колку сработил, одамна воловите кои ораа по нивите ќе владееја со светот. Секаде во светот се мерат ефектите од сработеното, во политиката, во институциите, постојат системи за мерливост на сработеното. Но, жално е веќе да се напаѓаат очајните потези произлезени од безидејноста и очајот на нашиот сограѓанин Никола Груевски, кој за жал се уште е и премиер на нашата земја.
Срамно е веќе по сто пати да ги повторуваме фактите кои говорат за неговата малодушност и лицемерие. Затоа само ќе потсетам дека Никола Груевски, како премиер можеше да направи реформи во администрацијата по кои ќе беше запаметен, но во негов стил, четири години вешто бегаше од проблемот, за на крај после добиените заушки, да излезе со катастрофалните предлог законски решенија.
ДРЖАВА БЕЗ СОФТВЕР
Зошто не се согласувам со сегашното предлог законско решение? Прво, каква таквата, независност на агенцијата, сосема ќе се изгуби, и ќе стане директен зависник на владата. Второ, Министерството за информатички технологии, за четири години и не направи некои сериозни подвизи кои би докажале дека би имало капацитет за спроведување на инфраструктурни реформи.
Секоја чест на популистичките проекти од типот на компјутер за секое дете и слично, но не видовме сериозен инфраструктурен проект кој би покажал дека ова министерство има капацитети! На што мислам? Базите на податоци во сите државни институции се правени засебно и без имплементација на некој посебен стандард.
Сѐ уште не е направена детална евалуација на сите бази на податоци, проценка на типот на информациите кои ги содржат, нивната структура, и на крај план за нивно целосно поврзување. Со имплементацијата на еден ваков проект би се олеснила размената на податоци и информации помеѓу институциите, би се зголемил степенот на ефикасност на работа кај самите институции. Преку одредена форма на веб портали би се обезбедил достап до потребните податоци за бизнис-заедницата, но исто така и за граѓаните.
Нормално, самиот софтвер би го дефинирал и ограничувал пристапот, согласно закон, подзаконски акти и процедури. Преку еден ваков сериозен софтверски проект ќе се олеснеше комуникацијата помеѓу државните институции, но и квалитетот на услугата институција-граѓанин.
Вакви модели постојат во светот, кои се унапредуваат секојдневно. Еден од најдобрите се наоѓа во Кралството Норвешка. Не требаше да се измислува топла вода, туку да се засукаат ракавите, да се пронајде најсоодветниот модел, да се обезбедеа финансиски средства, и до сега државниот софтвер ќе функционираше. Патем, целиот овој проект би чинел неброено пати помалку од Скопје 2014!
Значи, да резимираме, за овие четири години, новоотвореното министерство за информатички технологии, не успеа да направи сериозен државен проект, за кој имаше од каде да земе искуства и помош, а сега ќе ја реформира целата државна администрација? Министерство со дваесетина вработени, со просек искуство во државната администрација од две три години ќе реформира цела армија од администрација? Браво, ова личи на стилот и сериозноста на Груевски, остваруваме!
МУАБЕТ САМО ЗА ПРЕД ЦЕ-КА?
Да се вратиме сега на Законот за државни службеници, и итрото бегање на Груевски од оваа жешка тема, со што си обезбеди повисок рејтинг. Но, за информирање на јавноста, но и за потсетување на високите партиски функционери од ВМРО ДПМНЕ, (приватната фирма на Никола Груевски):
Есента во 2006 година се случи една партиска координација во просториите на општина Бутел. Оваа координација се одржа непосредно по поставувањето на директорите на државните институции и јавни претпријатија, односно популарно кажано, третиот ешалон од власта. На оваа координација учествуваа стотина функционери, министри, директори, и по некој пратеник. Темата беше, што по победата, и како најуспешно да се отпочне со реализација на Програмата во сто чекори.
Покрај многуте дискусии и дискутанти, при крајот зедов збор и јас и го кажав следново: Имаме амбициозна програма, престојат премногу реформи, но за исполнување на ветеното, потребна е ефикасна државна администрација, која ќе има капацитети да ги спроведе реформите. Затоа, почетокот на сите реформи, би требало да почне со измени и дополнувања на Законот за државни службеници, а потоа итно модернизирање и реформирање на агенцијата за државни службеници. Бидејќи без силна агенција, не можеме да имаме ефикасна администрација, а без ефикасна администрација, не можеме да се надеваме на било какви реформи.
Тогаш, од страна на пратеникот Влатко Ѓорчев, ми беше кажано дека муабетот не ми е за пред тој состав, туку за пред ЦК. Искрено, ниту тогаш, ниту денес не му ја сфаќам поентата. Но, за тие да можат да ја сфатат мојата поента, во понатамошниот текст ќе се обидам да објаснам како јас ги гледав, и сѐ уште ги гледам реформите во администрацијата!
Прво и основно, зајакнување на кадровските капацитети на агенцијата. Знаеме дека во секоја успешна компанија, клучна улога игра одделот за човечки ресурси. Од способноста и знаењата на менаџерите во овој оддел, директно зависи успехот на самата компанија. За спроведување на потребните реформи во цела држава, потребен е силен тим од професионалци, кои имаат искуство и резултати во управувањето со човечки ресурси. На платата на овој тим не смее да се штеди, со цел привлекување и мотивација на најдобрите.
Второ, зајакнување на техничките капацитети, набавка на соодветен хардвер, стационирање на резервна база на податоци, која би ги зачувала податоците ако основната база биде уништена од пожар, поплава, или друг тип несреќа. Овој паралелен систем се поставува во соодветно обезбедена просторија на минимум педесет километри оддалеченост. Согласно светските стандарди, секоја база на податоци, која содржи важни информации, кои се од витален интерес за државата, мора да биде обезбедена со уште еден ваков систем .
Паралелниот систем има за задача податоците од базата на институцијата да ги има целосно копирани, сосе секојдневните промени, на дневна основа. Замислете, повеќе од две третини од базите на податоците на државните институции немаат ваков систем! Не дај Боже да се случи губење на податоците, штетата би била ненадоместлива! Ова е само уште еден показател за професионалноста, одговорноста и капацитетите на владата, премиерот, и министерството за информатички технологии!
КАКВА АГЕНЦИЈА, ТАКВА АДМИНИСТРАЦИЈА
Сепак, да се вратиме на потребните реформи во самата агенција за државни службеници. Имено, се согласувам дека се неопходни промени во законот за државни службеници, но не во насока бркање од работа за триесет дена. И сегашниот закон предвидува и дозволува санкции.
Согласно сегашниот закон, доколку одреден државен службеник не си ги извршува задачите пропишани согласно систематизацијата и правилникот за опис на работно место, раководителот има право да го опомени, или пак да го казни парично со десет, односно максимум триесет проценти од платата, во рок од еден до максимум шест месеци. Исто така, на крајот на годината постои оценување на сработеното, каде работата на службеникот може да биде оценета како незадоволителна. Со незадоволителна оценка за една година службеникот може да биде симнат, уназаден за едно хиерархиско ниво надолу. Согласно закон, ако во две од последните пет години службеникот бил негативно оценет, раководителот има право да отпочне постапка за негово разрешување од работно место!
Ако Никола Груевски се жали на лошата државна администрација и на лошиот закон од тој аспект, јас како граѓанин имам право да го критикувам килавиот менаџмент на владата, и килавите функционери, со правото да прашам, колку вкупно постапки се поведени против лошите административци?
Промени во законот треба да се направат, но во позитивна смисла, потребни се допрецизирања и конкретизирања на одредени формулации во законот, но многу повеќе потребно е предвидување на огромен број на подзаконски акти, кои ќе ја дефинираат работата на агенцијата, на вработените во агенцијата.
За на крај, системот за оценување, наградување, казнување и напредување кај државните службеници да биде целосно дефиниран. Слабостите се во оценувањето на една година, и лошо дефинираната методологија на оценување, која овозможува огромен маневарски простор за произволности, неправилни оценувања.
Како последица од непостоењето на цврсто дефинирани стандарди за оценување, не постои механизам за проверка на оценувањето од страна на раководителите, и на тој начин агенцијата нема систем за контрола на оценувањето, а оттаму и увид во квалитетот на администрацијата!
И ДОБРИТЕ КАДРИ СЕ ЛОШО РАСПОРЕДЕНИ
На крај, како овој хаос би можел да се среди? После обезбедувањето на потребниот хардвер сосе системот за заштита од катастрофи, неопходни се законски измени кои ќе дефинираат концизен систем на наградување и казнување, а пред сѐ следење на кариерата на секој државен службеник.
Неопходна е имплементација на моќен софтвер кој ќе овозможи внесување на сите досиеја за секој државен службеник. Од податоците за неговото средно образование, високо образование, постдипломски студии и останати квалификации, пред да влезе во државната служба.
Потоа, евиденција на сите негови дополнителни квалификации, курсеви, сѐ до службени патувања, како веќе вработен, со цел евидентирање на новостекнатите знаења. Конкретизирање на системот за мерење на квалитет, оценувања на знаењата и резултатите најмалку три пати годишно, со редовно ажурирање на податоците на секој службеник за секоја успешно завршена работа или поплака. Во институциите каде работата е шалтерска, поставување на сандачиња за поплаки од страна на странките, но истите да ги прибира и обработува агенцијата. Секаде каде работата е електронски мерлива, работа на шалтери, услуги на странки, и слично, секојдневно вадење на електронска евиденција на бројот на сработени предмети и услужени странки.
На тој начин би се обезбедило мерење и споредба на сработеното кај дел од администрацијата. Каде работата не е рутинска, туку интелектуална, каде се спроведуваат посложени работни задачи, се воспоставува систем на долготрајна мерливост, со основните параметри, потрошени ресурси, време, споредени со резултатите односно ефектите од сработеното!
Една од слабостите на нашата администрација е несоодветната и неадекватна распределеност на кадрите. На определени места, односно во одредени државни институции постои превработеност, односно постојат измислени работни места, кои се кроени по фамилијарни или партиски потреби. На други места, односно во определени институции постои сериозен дефицит на кадри, и потреба од нови луѓе.
Неопходно е ажурирање на систематизациите на секој државен орган, утврдување на вишоците на кадри, но исто така и утврдување на недостатоците од соодветни кадри. Согласно компјутерската евиденција со сите неопходни податоци за квалитетите, квалификациите и способностите на секој државен службеник, агенцијата ќе ја има моќта и капацитетот да прераспоредува, согласно потребите на институциите!
МОРА ДА ИМА ОТПУШТАЊА
Сите оние, кои ги немаат потребните квалификации, и не се вклопуваат во ниту еден државен орган, постои опасност да постанат определен вид на технолошки вишок. За нивно понатамошно згрижување, и избегнување на социјална криза, државата има две алтернативи.
Првата е да субвенционира приватни претпријатија за нивно згрижување, а втората, за повозрасните кои имаат помалку од десет години до пензија а не се вклопуваат во потребите на институциите, да ги категоризира во некоја група на технолошки вишок.
Обештетувањето би траело до пензија и би било половина од сегашните бруто трошоци за тоа лице. Заштедата би била повеќе од тројна, затоа што автоматски ќе се намалат и режиските трошоци, кирии, телефони, хартија, и сѐ останато што се троши а ефекти нема.
Со парите заштедени од државната администрација може да се премине на фаза два, каде што ќе се квалификуваат потребните кадри, кои се бараат на пазарот. Мора обезбедување на силна врска помеѓу државните институции, агенцијата за државни службеници, агенцијата за вработување и министерството за образование со бизнис заедницата.
Потребни се посебни програми на нашите универзитети, во кои ќе биде даден посебен акцент на практичната настава согласно потребите на пазарот на труд. Но, исто така е пожелно годишно стипендирање на петстотини студенти и постдипломци на најреномираните универзитети во светот, кои за неколку години ќе ги донесат и имплементираат светските искуства во нашите државни институции. Но, за сево ова потребна е храброст, знаење и макотрпна работа. Треба повеќе работа и дела, а помалку фалења, зборување, и ветувања во идно неопределено време!