За седум дена коалицијата ќе има голема историска победа, не само како резултат туку и заради противникот и неговите планови. Со убедлива победа на изборите со 63 пратеници ќе се стави крај на кризата и на планот за мрачни сценарија во државата, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 4 на коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Груевски вечерва на митинг во Радовиш.
Според него, народот на 11 декември ќе го одбере подоброто за Македонија.
– На една страна има политичка партија која работи, се грижи за граѓаните за зголемување на пензии, социјална помош, носи инвеститори и отвора нови работни места, се труди ја зајакне државата. И на друга политичка партија која се здружува со разни криминално разузнавачи структури и се става во нивни раце, а за возврат бара само да ги донесат на власт. Тоа знам дека нема да го добијат, затоа што колку и да изгледа одлуката комплицирана, во суштина е многу едноставна. Народот ќе одбере реформи, создавање работни места, зголемување на стандард, поддршка на земјоделците. Граѓаните ќе ја одберат Македонија, а не некој сценарист – рече Груевски.