ДУИ може во секое време да назначи нови министри на местата на тие кои се повлекоа од Владата, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ.
-Не е точно дека сме само ние во Владата, ние и СДСМ. Од она што го знам отворени се местата на ДУИ и таа партија не е замината од власта и може да назначи нови кадри оти има право на замена на тие кои се повлекоа, изјави Груевски коментирајќи на новата ситуација во Владата. Министрите и замениците на Али Ахмети вчера ја напуштија Владата и нивното понатаможно однесување е во рацете на лидерот на партијата, односно нему му е оставена конечната одлука како да постапи партијата.
По нивниот потег експертите во јавноста анализираа неколку опции, едното дека со ова се бетонирани изборите за 5-ти јуни, датумот на кој Груевски би сакал да има избори, другото дека на повидок е можно ново парламентарно мнозинство за одложување на изборите и трето дека ДУИ се налутени од објавените приватни разговори, но и се преиспитува каде понатаму.
Да потсетиме дека ДУИ неколку пати повтори дека доколку надлежните институции не ги откријат виновниците за објавување на аудио снимките, ќе ја преземат работата во свои раце.