Под мотото „Здравјето е избор“ Владата ја започна кампањата за подигнување на јавната свест за корисноста од здравата исхрана и здравиот начин на живот, како и применување на физичка активност.
Инаку „Фокус“ неодамна објави дека за оваа кампања, која ќе се емитува на повеќе медиуми, ќе бидат потрошени речиси половина милион евра.
Премиерот Никола Груевски денеска истакна дека преку оваа кампања, Владата сака да ја подигне свеста кај луѓето на повисоко ниво и додаде дека во Македонија има доволен избор на здрава храна која му е потребна на организмот, а може и да се спортува без поголеми трошоци. Премиерот ги советуваше граѓаните, дека со консумирање на овошје и зеленчук, се штитат од прерана смрт и тешки болести. Тој додаде дека пченка и пченица, пак, придонесуваат за поквалитетен и подолг живот. Но, премиерот тука не застана со советите за здрава исхрана. Истакна и дека значајна група во исхраната се и протеините, а како најдобар избор, премиерот ги посочи рибата и пилешкото месо.
-Консумацијата на сол во текот на денот за возрасните луѓе, не треба да биде повеќе од шест грама, а кај децата и помалку, бидејќи според анализите солта го покачува крвниот притисок, рече Груевски.
Дебелината, премиерот Груевски исто така ја посочи како глобален проблем кој е пристигнат и во Македонија. Лошата исхрана и недоволната физичка активност придонесуваат за зголемена или прекумерна телесна тежина.
Беше презентирано дека во Македонија 60,5 отсто од мажите и 47, 8 отсто од жените над 20 години односно 52,8 од вкупното население имаат зголемена телесна тежина, а околу 20 отсто имаат прекумерна телесна тежина. Овој проблем се јавува и кај децата, а главен причинител за тоа е употребата на брза храна.
Груевски порача да се практикува и редовна физичка активност за подобрување на здравствениот и имунолошкиот систем.
-Една четвртина од храната треба да бидат здрави протеини, една четвртина целозрнести житарки, а дневно треба да се консумираат и по пет различни овошја или зеленчук, не вклучувајќи го компирот, рече Груевски.