Тодоров ќе ги казнува лекарите 7.000 евра ако одбијат обука во странство и 25.000 евра, ако после обуката не останат три години во јавно здравство

by Fokus

По директен налог од министерот за здравство Никола Тодоров, околу 1.000 лекари и медицински персонал мора да отидат на обука во странство, во спротивно ќе следуваат драконски казни и назадување во работата. На 12 септември на скопските клиники било испратено писмо до сите лекари со покана за стручно доусовршување во странство.

Првиот човек во здравството пред неколку дена на прес-конференција појасни дека нема да остане лекар во јавното здравство, што нема да отиде на едукации во странство. Тој нагласи дека вкупно 1.000 лекари од кои 800 доктори и 200 медицински сестри и болничари ќе одат на обука во некоја странска болница од својата област. Но, министерот Тодоров намерно или не, не ги соопшти деталите за проектот.

Но, затоа „Фокус“ деталите ги пронајде во Законот за здравствена заштита и Законот за континуирано доусовршување во странство од лани, со дополнувања и измени во 2014 година. Според овој закон, член 179б, став 4, доктор на медицина, стоматолог и фармацевт што работат во терцијарно здравство, во рок од седум години за воведување на нова здравствена метода или постапка имаат должност да поминат една година во странство на стручно доусовршување.

Во спротивно, ако во тие седум години, лекарите не поминат една година на обука, тогаш ќе бидат префрлени на секундарно ниво, односно на работа во поликлиники. Во Законот, исто така се наведува дека секој доктор е должен да оди на обука во странство. Ако случајно одбие, тогаш ќе се соочи со казна од 5.000 до 7.000 евра. Според законот, откако докторот ќе отиде на доусовршување, после тоа потпишува договор, дека во наредните три години нема да го напушти јавното здравство. Доколку се случи да си замине порано од тие три години, тогаш е должен да врати вртоглави 25.000 евра. Се ова е веќе објавено во Службен весник.

Што е уште поинтересно, сите лекари кои ќе отидат на обука мора да снимаат видео спот, што ќе се врти на страната на ресорното министерство, видео презентација за методата што ја усовршиле  и откако ќе се вратат од обука, мора да вршат едукации на своите колеги.

 

 

Поврзани новости