Премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев во четврток ќе треба да се соочат на суд, а утредента, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, треба да остварат средба и да преговараат околу враќањето на опозицијата во Парламентот. Од суд, тие директно ќе преминат на преговори!
Па така во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека Груевски го поканува Заев на средба во петок во 13 часот за да почне дијалогот.
„Го поздравуваме фактот што СДСМ конечно препозна дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е спремна за дијалог во интерес на граѓаните и државата“, се вели во соопштението.
Заев ја прифати поканата на средба, ама не и тајмингот – во партиското соопштение се вели дека терминот дополнително ќе се утврди.
Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов денеска изјави дека со одлуката да не се констатираат оставките на пратениците, може слободно да се заклучи дека Груевски е подготвен да разговара за барањата на опозицијата.
Инаку Груевски од Заев бара половина милион евра, бидејќи смета дека е наклеветен од лидерот на СДСМ кој обвини дека премиерот, тогаш претседател на опозицијата, учествувал во наводната криминална продажба на „Македонска банка“. Заев објави снимка на која тврди дека бил снимен Груевски како преку посредник ја договарал продажбата на банката на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ Нини.