Првото судско рочиште е закажано за 14 јули, или еден ден пред започнувањето на судската ферија, односно периодот кога сите судии, колективно, заминуваат на одмор. Ова значи дека само што судењето ќе започне, до наредното рочиште, ќе паузира еден месец.
Процесот се врати од почеток, бидејќи, уште пред два месеци, Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда, со која на доживотен затвор беа осудени Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. Дванаесет години затвор доби Бошкоски, а две години помалку доби Зоран Трајковски. По осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Иако првостепената пресуда падна на Апелација, поради непостоење на докази и умисла кај обвинетите, повторно беше продолжен притворот за дел од обвинетите. Сепак се очекува, по повторниот старт на процесот, конечно, по речиси две години поминати во притвор, да се бранат од слобода. Законскиот рок, притворените да се држат во притвор истекува на 20 октомври. Како и да е, ова не значи дека на слобода ќе излезе и Бошкоски, бидејќи тој издржува петгодишна затворска казна за случајот „Кампања“.
На повтореното судење, судскиот совет ќе треба да ги спроведе упатствата на второстепениот суд, односно да обезбеди докази и да ја утврди умислата кај обвинетите.
На Апелациониот суд не му беше доволно образложението на Кривичниот суд, дека Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи „психолошки“ го помогнал убиството, односно наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски и Јанев, односно ветил дека нема да поведе истрага за убиството и ќе им помогне на извршителите да избегаат.
Останува нејасно, како по 13 години од двојното убиство, дури сега ќе се обезбедат нови докази.