АРХИВА: Груевски и министрите не се фатиле за џебот?!

2 ДЕЛ

by Фокус

Текстот е објавен во дневниот весник Фокус во изданието од 12-ти декември 2011-та година.

Во рамки на судскиот предмет „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет дека со пари од партиски донатори стекнал плац на Водно, стана збор и за финансирањето на партијата. Во таа насока, некогашните партиски функционери – Горадна ЈанкулоскаМартин Протуѓер и Влатко Чингоски сведочеа како партијата се финансирала и како се располагало со парите, а дури беше кажано дека некои донатори пари му давале лично на Груевски. За време на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Фокус редовно ја третираше темата за сомнително финансирање на партијата и нејзините изборни кампањи, а во еден од овие серијали се истражува сомнежот за фиктивни донации.

Пишувале:
Сашка ЦВЕТКОВСКА
Мери ЈОРДАНОВСКА

Ниту едно име на високи функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не е на листата на донатори за кампањата за јунските избори. Место нив, службеници, чувари, секретарки и пензионери давале по 60.000 денари за да се финансира кампањата на најголемата партија во земјата.

И додека министрите и високите функционери, барем според тоа што стои во извештајот за финансирањето, тешко се фаќале за џебот, тоа за нив го правеле лица со потпросечна плата, а никој од нив не сака да каже како успеал да најде 1.000 евра во име на партијата!

ПАРИТЕ ГИ ДАДОВ ЗА МАКЕДОНШТИНАТА! 

Симеон Ајтевски е комунален редар во Општина Кочани и еден од тие што наводно од сопствениот буџет одвоиле речиси 1.000 евра за каузата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Со ќеф ги дадов парите! Тоа се мои пари, ги дадов од желба за дарување, од солидарност, во име на македонштината! Не се криминални пари, па да се срамам. Јас ја сакам партијата и ја сакам Македонија. И не станува збор за тоа дали сум дал 60.000 или 100.000 денари, работата е да помогнеш кога некому му е тешко –  ни рече Ајтевски.

Пари за кампањата не дал тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, но затоа речиси 1.000 евра од сопствениот буџет одвоил неговиот портпарол, младиот Борче Стамов.

– Ах, не прашувајте ме за тоа, тоа е, навистина, лична работа. Дали сум дал пари, колку сум дал, не е важно и не гледам зошто вие би се интересирале –  ни изјави Стамов.

Рњечиси и нема општина, чијшто кадар не дал по илјадарка од својот буџет за партијата. Гази Баба, Кисела Вода, Ново Село, Кочани, Штип, Струмица, Кавадарци, Зелениково, Петровец, Битола, Прилеп –  тоа се само дел од општините, чиишто службеници и советници донирале пари.

Во Охрид речиси и нема директор или раководител на подружница што не донирал за ВМРО-ДПМНЕ. Драгана Боцеска, директорка на Центарот за култура во Охрид, Бимбил Марковски, раководител на УЈП во Охрид, Стефан Трпеноски, директор на казнено-поправниот дом во Охрид, Љупчо Настевски од охридската капетанија и уште десетина се дел од имињата на охридските функционери кои дале пари за ВМРО.

Но, ако за директорите илјада евра, можеби, и не се многу пари, се отвора прашањето како тоа архиварки, секратарки, чиновници, чувари и учителки собрале и дале толку пари, а не можат да се сетат на сумата. Ацо Рабаџиски, вработен во Агенцијата за електронски комуникации, вели дека тоа си е негова работа.

– Не е важно колку сум донирал, како сум ги собрал парите, тоа е моја лична работа. Како сум ги собрал си е мое, нема зошто вам да ви раскажувам –  вели Рабаџиски.

ВО ИГРА Е ГОТОВИНАТА?

Прашањето за „црни куферчиња“ и за „сини пликови“ при финансирањето на партиските кампањи, не е ново, но никогаш не е обелоденето и решено. Познавачите тврдат дека тоа е нешто што ги обединува сите партии –  џентлменскиот договор да се скријат средствата за финансирање на кампањите, па оттаму и тешкотијата да се одгатне корупцијата во оваа сфера.

Лица што имаат познавања за тоа како тече финансирањето на кампањите, децидни се дека во е игра е готовината. Според нив, пари се собираат во готово, од фирми и од тендери, кои потоа се правдаат преку физички лица и се разбира, преку каса-прими. Сето ова е лесно да се провери, доколку се има волја за такво нешто.

Доколку парите се донираат преку трансакциска сметка, надлежните со едно притискање на копчето можат да дознаат кога на одредено физичко на сметка му легнале 60.000 денари и кога истите пари се одлеале на име на партија. Ова е нешто што го констатирала и Комисијата за спречување корупција и како предлог за законски измени го испратила до Собранието.

– Ние го откривме проблемот и сега, како што се поставени работите, не можат да се проверат изворите на финансирање на кампањите. Нашиот предлог е трансакциите за донации да одат преку трансакциска сметка, а не преку каса-прими. Единствено така ќе може да се провери, бидејќи во случајов секој може да ви издаде каса-прими и кога ќе го прашате лицето дали, навистина, дало пари, ќе ви одговори потврдно.

И тука ние сме со врзани раце, не можеме да ја провериме веродостојноста. Во делот со финансирањето на кампањите, направен е прогрес, но сепак, не е дојдено до решението, па оттаму ние предлагаме законски измени – вели Воислав Зафировски, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

ДОНАТОРИ ПЕНЗИОНЕРИ

Покрај директорите, административците и учителките, дарежливи биле и пензионерите. Во добар дел од списокот како донатори се јавуваат и цели семејства –  брачни другари заедно со нивните родители. Некои од тие што без проблем одвоиле по илјада евра за партијата се пензионери, а има и такви кои на сметка на државата биле пратени на бања.

Брачната двојка Глигор и Павлина Робовалиеви овие услуги на сметка на државата ги искористиле лани. А на 31 мај годинава или пет ден пред изборите, донирале по 60.000 денари за кампањата на коалицијата на ВМРО. Пензионерките Лилјана Грчева и Слоботка Дрвошанова, пак, своите илјада евра за ВМРО ги дале на 26 мај.

Покрај пензионерите, чиновниците и учителките, свој придонес за кампањата давале и уметници. Во списокот на донатори се појавува и името на сликарката Светлана Коруновска Аџигогова. Сликарката и професорка во средното музичко училиште во Скопје беше и членка на одборот на Општина Центар на подигање на споменикот на Александар Македонски.

Првиот дел од истражувањето можете да го прочитете ако кликнете на овој линк.

АРХИВА: Земјоделци, редари и учителки дале по 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ

ПРОДОЛЖУВА…

Поврзани новости