Груевски и Јанакиески меѓу можните обвинети на СЈО

by fokus

Специјаното јавно обвинителство денеска ќе поднесе два обвинителни предлози до Кривичниот суд. Едното обвинение се однесува на насилните протести што се случија на 7 јули 2013 година, пред општина Центар, кога беше демолирана една од бараките и беше повреден еден советник.

На денешната прес конференција, обвинителките објаснија дека овој случај е превземен од Основното јавно обвинителство, а во него обвинети се вкупно 14 лица, од кои петмина за поттикнување, а деветмина за насилство.

СЈО не ги именуваше обвинетите, поради како што рекоа, почитување на начелото на пресумпција на невиност, но посочија дека во тој период двајца од нив биле носители на функции во извршната власт. Исто така дополнија дека како доказ за тоа е и снимен телефонски разговор, во кој едиот функционер го нарачува насилството, а другиот без да се спротистави ја прифаќа дадената задача да ангажира лица кои ќе протестираат.

Во јавноста досега беше објавен разговор со таква содржина, од страна на опозициската СДСМ, презентирајќи ги т.н. „бомби“. Откако градоначалникот Андреј Жерновски го слушна разговорот, веднаш поднесе кривична пријава.

Груевски стои директно зад насилните протести кои се случуваа во општина Центар, а за кои се уште нема полициска и судска разврска, истакна Саша Богдановиќ од СДСМ, презентирајќи дел од прислушуваните разговори, наводно меѓу екс премиерот Никола Груевски и екс министерот Миле Јанакиески.

А разговорот течеше вака:

„Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три- четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот), нема тешка телесна повреда за кривична, има само за прекршочна“, вели во телефонскиот разговор премиерот Груевски.

Според СЈО, државните функционери од лукративни причини го организирале и поттикнале насилството врз општина Центар со цел да ја запрат измената на Деталниот урбанистички план „Мсал ринг“, со што би се нарушиле нивните и бизнис интересите на партискиот врв и на одредени бизнисмени.

„Во јуни 2013 првообвинетиот со умисла побарал, а второобвинетиот прифатил и поттикнал дел од членството на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот и советници во општина Центар. Мотивите на првообвинетиот се чисто лукративни заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи. Докази за лукративните мотиви на обвинетите СЈО пронашло и во уште еден телефонски разговор меѓу поранешен висок државен функционер и познат бизнисмен од 13 октомври.

СЈО утврдило дека владејачките функционери лажно создавале атмосфера дека општина Центар планира да ја запре изградбата на црквата Св. Константин и Елена, иако такво нешто не било планирано. Наредбата за организирање насилни протести биле дадена директно преку органите на партијата, а и предметите со кои се напаѓала бараката на општина Центар биле организирано носени со возило.

Поврзани новости