Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во новото продолжение од мега интервјуто за порталот Телеграф не штеди пофални зборови и комплименти за министерот за надворешни работи Никола Поповски, од кого Груевски е повеќе од задоволен.
-Попоски крајно професионално и со сите сили и капацитети во изминатите пет години работеше за Македонија на сите полиња на надворешен план. Тој е млад човек кој си ги сака државата и народот, многу е динамичен, со брза и јасна мисла, со висок капацитет и високи вредносни критериуми и интегритет, квалитетно образование и мошне големо искуство. Сепак, потребно е сите во Владата и сите политички партии да придонесат уште повеќе за подобрувањето и унапредувањето на имиџот на Македонија надвор – рече тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека институциите на државата веќе во изминатите денови засилено работат на подготовка на различни акти, измени или нови закони, во насока на, како што рече, исполнување на итните реформски приоритети од повеќе области, тргнувајќи од безбедносната област, судската, антикорупциската, медиумската и други.
-Идејата е набрзо, во наредните неколку недели да ги завршат како предлог-закони или одлуки и потоа да се споделат со претставниците на Европската комисија и со опозициските партии, со кои би сакале да имаме дијалог, размена на аргументи и нивна целосна вклученост, но и консултации за некои од нив со други меѓународни експертски тела – истакна експремиерот.