Груевски: Го дадов својот максимум да останам неутрален, иако ништо не ме спречува да застанам зад некој кандидат

by fokus 11:36
11:36

Партискиот лидер во оставка, Никола Груевски, убедува дека го дал својот максимум само за да остане неутрален, односно не фаворизирал ниту еден кандидат кој треба да биде негов наследник.

-Јас како Претседател на партијата дадов максимум што е во моја моќ да останам неутрален во процесот на избор на претседател на партијата. Иако немам таква обврска, тоа е мој личен избор. Статутот и другите акти со ништо не ми попречуваат да застанам зад некој кандидат. Јавно, со изјава, со потпис, говор, политичка агитација, лична вклученост во нечија кампања и слично. Сепак проценив дека најдобро е да останам неутрален и причините јавно ги објаснив, напиша Груевски на својот фејсбук профил.

- Advertisements -

Тој потсетува дека во 2003 година тогашниот претседател, на кого не му го спомнува името, постапил поинаку, односно му дал јавна поддршка и бил првиот потписник на неговата кандидатура.

-Тоа беше негово право и личен избор исто како што сега е и мое право да одлучам дали ќе постапам исто или ќе се определам за неутралност. На ниту еден делегат од сите 544 не му дадов било каква насока во однос кој кандидат да поддржи.
Дел од моите долгогодишни најблиски соработници охрабруваа кандидат кој колку што сум информиран се откажа од кандидатура. Со ништо не ги попречив во тоа. Напротив, пишува Груевски.

Тој додава дека покрај ова, еден од потенцијалните кандидати од него ги побарал имињата и телефоните на сите делегати и претседатели на ОК и МК, за да може да агитира.

Груевски уште еднаш ги повикува сите заинтересирани кандидати да ги соберат потребните потписи и да се кандидатираат.

-Уште еднаш повикувам доколку некој го злоупотребува моето име во лобирањето да бидат свесни дека се работи за лажно повикување и согласно тоа да го дадат или повлечат својот потпис, и слободно да гласаат на тајното гласање на Конгресот. Секоја евентуална закана, заплашување, уцена, лажно повикување или слично да ги отфрлат и доколку сакаат и да ги казнат преку тајното гласање на Конгресот.

Тој појаснува и дека дел од поплаките на кандидатите не биле поткрепени со докази, за што вели дека тоа не значи дека се обиделе да го излежат, туку добиле невистините или непроверени информации од терен.

-Доколку е точно дека некои од претендентите за претседател и нивните поддржувачи се однесувале дрско, арогантно, заканувачки, уценувачки, иритирачки, надмено или било како несоодветно, се соглсувсм дека тоа е за осуда и дека многу говори за личноста која претендира за претседателска функција. И најавува дека така може и да продолжи ако стане претседател. Но, тоа сегашно однесување доколку било навистина такво е одлично за противкандидатот или противкандидатите на денот на гласањето. Секој нормален делегат и да дал и да недал потпис за поддршка на личност со такво однесување, при тајното гласање на Конгресот има можност да го казни кандидатот кој така пристапил: нема да гласа за негова поддршка, вели Груевски.

За крај, тој апелира до неговите сопартијци да внимаваат со јавните изјави со цел да не се направи политичка штета на партијата.

 

Поврзани новости